Швајцарија и понатаму останува една од најатрактивните дестинации за работа во Европа, со високи плати и стабилен пазар на труд, но и со сериозен недостиг на работници.
Според податоците на EURES, моментално во земјата има околу 20.000 слободни работни места, што укажува на значителен дефицит на работна сила. Во многу сектори платите започнуваат од околу 6.500 евра месечно, додека во специјализираните професии можат да достигнат и до 11.000 евра.
Најголем недостиг има во здравствениот сектор. Најбарани се лекари специјалисти (педијатрија, гинекологија, анестезиологија и интерна медицина), како и медицински сестри, хируршки техничари и помошен медицински персонал.
Голема побарувачка има и во техничките и индустриските професии – столари, машински инженери, металци, како и радиолошки и фармацевтски техничари. Најмногу можности за вработување има во региони како Цирих, централна Швајцарија и северозападниот дел од земјата. Работните позиции се нудат како долгорочни договори, но и преку пофлексибилни модели на вработување.
Просечната плата во Швајцарија изнесува околу 7.400 евра месечно. Во ИТ и телекомуникацискиот сектор таа може да надмине 9.700 евра, додека во финансискиот и осигурителниот сектор достигнува и до 10.800 евра. Сепак, вработувањето не е едноставно. Повеќето работни позиции бараат високо образование, релевантно искуство и познавање на германски јазик. Дополнително, неопходно е добивање работна и престојна дозвола, а правилата варираат во зависност од професијата.
Иако Швајцарија не има единствена минимална плата на национално ниво, висината на примањата зависи од секторот и договорите во индустријата. И покрај строгите услови, земјата останува исклучително привлечна за работници од цела Европа поради високите приходи и добрите работни услови, но и високите животни трошоци.