Швајцарија воведува нови ознаки за добросостојба на животните на храната

Од 1 јули оваа година, во сите швајцарски продавници и ресторани, храната од животинско потекло – како месо, млеко и јајца – ќе мора да има јасна ознака за тоа дали при производството животните претрпеле болка, објави швајцарската влада.

Целта е да се зголеми транспарентноста и да им се овозможи на потрошувачите да донесуваат информирани одлуки при купување.

Законот се однесува и на увезени производи, иако некои од болните практики се забранети во Швајцарија веќе повеќе од 40 години, тие сè уште се дозволени во други земји.

Означувањето ќе биде задолжително за следните производи:
• Говедско месо од животни кои биле кастрирани или им биле отстранети рогови без анестезија
• Свинско месо од животни со отстранет реп или скратени заби без анестезија
• Јајца и месо од живина на кои им бил отсечен клун без анестезија
• Кравјо млеко од животни со отстранети рогови без анестезија
• Жабји нозе отсечени без анестезија
• Џигер и месо од патки и гуски хранети на сила

Дополнително, ќе биде забранет увозот на крзно и производи од крзно добиени со сурови методи. Ова правило стапува на сила исто така од 1 јули, но со транзициски период од две години, што значи дека целосно ќе се применува од 1 јули 2027.

Овој пристап не е нов за Швајцарија. Веќе во 2018 година беше забрането ставање живи јастози во врела вода без претходно омалаксување, врз основа на научни докази дека тие чувствуваат болка.

Швајцарија важи за земја која сериозно ја сфаќа заштитата на животните – со регулативи кои опфаќаат сè: од услови за чување миленици, преку хумано фаќање риби, до забрана за фрлање златни рибички во тоалет.

Со оваа нова мерка, Швајцарија прави уште еден чекор кон посовесна и похумана потрошувачка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни