Швајцарската влада дсоопшти дека сака да има можност да го ограничи слободното движење на луѓе од Европската унија, доколку фактори како што се нето имиграцијата, бројот на гранични работници или зависноста од социјална помош ги надминат определените прагови.
Иако во декември Швајцарија постигна договор за продлабочување на економската соработка со ЕУ – наспроти противењето на националистите кои стравуваат од загуба на суверенитетот – прашањето за имиграцијата останува најчувствителна тема во земјата.
„Заштитна клаузула“ како механизам за контрола
Во фокусот на расправата е т.н. „заштитна клаузула“ која би ѝ овозможила на Швајцарија, под одредени услови, да го ограничи приливот на граѓани од ЕУ.
Министерот за миграција, Беат Јанс, објасни дека владата сака да ја активира оваа клаузула во случаи кога имиграцијата или зависноста од социјални услуги достигнуваат алармантно ниво.
„Клаузулата е како апарат за гаснење пожар – не ви треба секогаш, но кога ќе избие пожар, драго ви е што е при рака“, изјави Јанс.
Можна арбитража во случај на несогласување со ЕУ
Ако клаузулата се активира, одлуката ќе се разгледува од заеднички швајцарско-европски комитет. Доколку не се постигне договор, Швајцарија ќе може да побара независна арбитража.
Државниот секретар за миграција, Винченцо Маскиоли, изјави дека уште од 2002 година, Швајцарија осум пати била во ситуација да размислува за активирање на ваква клаузула, додавајќи дека ваквиот механизам не е новост во практиката на земјата.