Шумските пожари и денес продолжуваат да го пустошат северозападниот дел на Шпанија. Илјадници луѓе се евакуирани, десетици патишта се затворени, а најмалку шест лица се повредени.
Иако противпожарните служби успеаја да стават неколку пожари под контрола, пожарот во областа Харилја, кој беснее веќе шести ден, останува целосно надвор од контрола. Според агенцијата ЕФЕ, досега се изгорени над 9.000 хектари шума и земјиште.
Во регионот Кастиља и Леон се активни 27 шумски пожари, од кои десет се класифицирани како со највисоко ниво на опасност.
Ситуацијата останува крајно критична поради високите температури, силниот ветер, и сувата вегетација кои го отежнуваат гаснењето. Локалните власти апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите за евакуација и да не се приближуваат до загрозените подрачја.