Шумска прошетка со „Штрих“ во планините на Црна Гора на фестивалот Корифеј во Колашин

Вечерва под отворено небо во Колашин, Црна Гора ќе се изведе „Случајот Јаболко“, театарски перформанс целосно создаден од млади автори кој ги поврзува историските средновековни движења со современите прашања за вистината и моќта.

Црногорската публика ќе има можност да стане дел од уникатен театарски експеримент каде што границите меѓу уметност реалност се бришат.

Перформансот зема инспирација од богомилското движење – дуалистичко учење што се борело против феудализмот и црковната хегемонија во средновековието. Богомилите се спротивставувале на високите данoци и неправедните поделби диктирани од црквата, која во тоа време била единствен извор на вистина, образование, наука и религија.

Преку интерактивен пристап, перформансот го пренесува ова историско искуство во денешниот контекст каде што постојат повеќе извори на вистина. Пред очите на публиката, нараторот на претставата е уапсен, и со тоа се отвара судскиот случај „Јаболко“. Перформансот може да се гледа како експеримент за тоа дали публиката (современиот човек) е под влијание од медиумските вистини или им верува на сопствените искуства.

Перформансот е развиван за време на резиденција на фестивалот „Вртешка интердисциплинарни активности“ и Стровија мултикултурен фестивал. Резиденцијалниот карактер на развојот на проектот овозможи интензивна креативна соработка и заедничко истражување на концептот меѓу авторите. Екипата ја сочинуваат: Марио Стојаноски (текст), Борис Василески (режија), Лука Тошев (музика), продуценти се: Дамјан Читкушев, Андреј Богатиноски и Андреа Маркоска. Оваа изведба во Црна Гора е трета актерска подела и тоа со актерите: Томислав Давидовски, Ане Блажовски, Михаил Велков, Ана Грамосли, Ава Хусеини и Вера Тошева. 

Овој иновативен театарски проект ги поставува фундаменталните прашања за природата на вистината, моќта и слободата во современото општество, користејќи ги историските паралели за да создаде релевантен коментар за денешницата.

Перформансот е во продукција на независниот театар „Штрих“ од Скопје кој активно постои од 2021 година и го сочинуваат млади театарџии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни