Штрајк на работниците во Лувр, на музејот му се заканува затворање

Синдикатите во Лувр започнаа штрајк поради лошите услови, недостигот од персонал и поскапувањето на билетите, а најпосетуваниот музеј во светот се соочува со можно затворање.

Синдикатите во парискиот музеј Лувр, погоден од низа кризи, од денес започнуваат штрајк со кој бараат итни обнови, зголемување на бројот на вработени и изразуваат протест против драстичното поскапување на билетите за посетителите надвор од Европската унија. Најпосетуваниот музеј во светот, кој во изминатите недели се соочи со кражба на накит, штетни протекувања на вода и сериозни безбедносни грижи, би можел делумно или целосно да биде затворен во едно од најфреквентните периоди во годината, пишува The Guardian.

Кражбата што ја прелеа чашата

Музејот сè уште се опоравува од шокантната кражба на 19 октомври, кога банда среде бел ден провалила и за само седум минути украла француски крунски драгоцености проценети на 88 милиони евра, по што побегнала со скутери. Иако четворица осомничени се уапсени, накитот до денес не е пронајден.

Како да тоа не беше доволно, во ноември протекување на вода оштети стотици списанија и документи во египетскиот оддел, а галерија со девет простории во кои се изложени старогрчки керамички артефакти беше затворена поради опасност од уривање на таванот.

Сите три синдикати во Лувр – CGT, Sud и CFDT – најавија континуиран штрајк, порачувајќи: „Персоналот денес се чувствува како последен бастион пред колапс.“ Тие нагласуваат дека кражбата на накитот само ги осветлила долгогодишните проблеми, намалувањето на бројот на вработени и недоволното државно инвестирање во музејот, кој лани привлекол 8,7 милиони посетители.

Дискриминаторни цени на билетите

Синдикатите особено ја оспоруваат одлуката на управата за зголемување на цените на билетите за 45 отсто за посетителите надвор од Европскиот економски простор, со цел да се финансираат неопходните обнови. Тоа значи дека посетителите од САД, Велика Британија и Кина, кои сочинуваат значителен дел од гостите, од јануари ќе плаќаат влезница од 32 евра.

„Ова го сметаме за неприфатлива дискриминација“, изјави Кристијан Галани, функционер на синдикатот CGT. „Уште полошо, тие посетители ќе треба да платат повеќе за да видат оронат музеј, каде што немаат пристап до целата колекција бидејќи хронично ни недостига персонал и просториите редовно се затвораат.“

Галани додаде дека е „апсолутен скандал“ посетители од одредени националности да мораат „да плаќаат за години насобрани пропусти“ во музеј чија колекција содржи дела од целиот свет. „Ова е спротивно на универзалноста на културата и идејата за еднаков пристап“, рече тој. „На пример, ова ќе влијае врз британските туристи, а кога јас одам во Британскиот музеј, влезот е бесплатен.“

Години занемарување

Синдикатите се загрижени и за работните услови и недостигот од кадар, откако од 2015 година биле укинати 200 работни места, многу од нив во безбедносниот сектор. Галани, кој работи во ноќна смена во безбедносната контролна сала, за штрајкот вели: „Толку сме исцрпени; ова е единствениот преостанат начин да нè чујат.“

„Проблемите се таложеа со години, а кражбата сето тоа го изнесе на површина. Запоставени се и обновата на зградата и безбедносните мерки за заштита на колекцијата“, додаде тој. Неговите зборови ги потврди и извештајот на францускиот државен ревизор од минатиот месец, во кој се наведува дека безбедносните надградби се спроведувале со „жалосно неадекватно темпо“ и дека музејот давал предност на „високопрофилни и атрактивни операции“ наместо на заштитата.

„Запрепастен сум од она што го открив“

Ги Тубијана, висок полициски функционер и безбедносен советник кој учествувал во истрагата по кражбата, им изјави на сенаторите дека е „запрепастен“ од она што го открил во музејот. „Имаше низа пропусти што доведоа до катастрофа, но никогаш не би помислил дека Лувр може да има толку многу слабости“, рече тој.

Министерката за култура Рашида Дати изјави дека прелиминарната истрага открила „хронично потценување“ на ризикот од провала и „недоволни инвестиции во безбедносните мерки“. Најавено е дека Филип Жост, кој ја водеше обновата на катедралата Нотр Дам, следниот месец ќе спроведе студија за „длабока реорганизација“ на Лувр.

Иронично, и самата директорка на Лувр, Лоранс де Кар, како и синдикатите, повеќепати предупредуваше на лошата состојба на музејот. Во јануари таа изјави дека посетата на пренатрупаната зграда станала „физичка мака“, по што претседателот Емануел Макрон најави голем проект за изградба на нов влез и посебна просторија за најпознатиот портрет во светот – Мона Лиза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни