Што значи падот на авионот на Ер Индија за компанијата Боинг?

Оваа трагедија е уште еден проблем за компанијата која лани губеше речиси една милијарда долари месечно, додека се бореше со безбедносна криза, проблеми со контрола на квалитетот и седумнеделен штрајк на работниците

Компанијата Боинг во мај 2025 година го прослави милијардитиот патник во нивниот авион 787, познат и како Дримлајнер – импресивно достигнување ако се земе предвид дека моделот е лансиран пред само 14 години. До трагичната несреќа на Ер Индија во Ахмедабад, овој модел беше клучен за меѓуконтинентални патувања и имаше извонреден безбедносен рекорд.

Станува збор за различен модел од Боинг 737 Макс, кој беше на насловни страници по фаталните несреќи во Индонезија и Етиопија во 2018 и 2019 година, во кои загинаа стотици луѓе.

Утврдено беше дека причината за тие несреќи е софтверска грешка, поради што моделот беше приземјен 18 месеци на глобално ниво.

Засега, во Индија нема ништо што би укажувало на грешка од страна на Боинг.

Многу појасна слика ќе се добие откако ќе се пронајдат црните кутии – електронски уреди што ги снимаат клучните информации за летот.

Се појавија различни теории за тоа што можело да доведе до несреќата во Ахмедабад, но еден пилот со кого разговарав изјави дека денес е реткост производствена грешка да предизвика фатален инцидент.

Освен сериозните падови на Боинг 737 Макс, рече тој, поголемиот дел се последица на човечка грешка во кабината.

Важно е да се знае дека кога летате со комерцијални авиони, речиси секогаш летате со Боинг или Ербас, бидејќи индустријата функционира како ефикасен дуопол.

Боинг е дел и од оваа трагедија во воздухопловството.

Компанијата соопшти дека нејзините „мисли се со патниците, екипажот и сите погодени од трагедијата“ и додаде дека соработува со Ер Индија за да се соберат повеќе информации за несреќата.

Извршниот директор на Боинг, Кели Ортберг, изјави дека компанијата ќе ја поддржи истрагата што ја води Индискиот биро за истражување на авионски несреќи.

По затворањето на њујоршките берзи на 12 јуни, акциите на Боинг паднаа за речиси пет отсто.

Оваа трагедија е уште еден проблем за компанијата која лани губеше речиси една милијарда долари месечно, додека се бореше со безбедносна криза, проблеми со контрола на квалитетот и седумнеделен штрајк на работниците.

По инцидентот кога вратите на „Аљаска Ерлајнс“ се отворија сред лет во 2024 година, Боинг беше принуден да плати 160 милиони долари (над 138 милиони евра) обештетување.

Претходно, компанијата исто така постигна спогодба од 428 милиони долари (речиси 371 милион евра) со „Саутвест Ерлајнс“ за финансиската штета предизвикана од долгото приземјување на флотата 737 Макс.

Покрај тешките финансиски проблеми, Боинг се соочи со сериозни прашања околу безбедносните практики во самата компанија. Во април, компанијата соопшти дека се „подобрени оперативните перформанси“ поради „континуиран фокус на безбедноста и квалитетот“.

Поранешен вработен изјави за BBC во 2019 година дека работниците биле под притисок намерно да вградуваат делови под стандард на производната линија. Џон Барнет, кој повеќе од три децении работел како менаџер за контрола на квалитет, изврши самоубиство во март минатата година.

Боинг претходно ги негираше неговите тврдења.

Погледнете снимка од падот на индискиот авион

Друг укажувач, инженерот Сем Салехпур, им изјави на американските политичари дека бил малтретиран и дека му се заканувале откако изразил загриженост за безбедноста на авионите на Боинг. Боинг соопшти дека одмазда е „строго забранета“ и дека од јануари има „зголемување од над 500 проценти“ на пријави од вработени, „што укажува на напредок кон силна култура на пријавување без страв од одмазда“.

Боинг е исто така вклучен во низа правни битки поврзани со падовите на авионите во Индонезија и Етиопија.

Минатиот месец, компанијата едвај избегна кривично гонење откако постигна спогодба со Министерството за правда на САД.

На запрепастување на семејствата на жртвите, Министерството соопшти дека Боинг ќе признае „завера за попречување на истрага“ што ја водеше Федералната авијациска администрација на САД и ќе плати казна од над 1,1 милијарда долари.

Не е изненадување што раководството на Боинг претрпе значителни промени последниве години. Новиот директор, Кели Ортберг, се врати од пензија пред една година со цел да ја оживее ослабената компанија.

Тој вети дека ќе ја подобри безбедносната култура во Боинг и неодамна изјави дека верува оти авиогигантот наскоро ќе се врати на профитабилноста. Сега се соочува со уште посериозни вести со кои ќе мора да се справи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни