Симболот на хрватското новинарство и еден од заштитните знаци на Загреб,облакодерот на Вјеснк, изгоре во ноќта меѓу понеделник и вторник. За многу Загрепчани тоа и не беше вистинско изненадување: запуштена зграда, полна азбест, стар мебел и хартија, а како што по пожарот дознавме од министерот Бранко Баќиќ и документите на Поресната управа, катастрофата одамна демнела. Иако првичните наоди на надлежните служби упатуваат на струен удар, низ градот веќе кружат најразлични теории затоа што со децении се зборува дека тој е „исплатливо единствено да се запали“.
Облакодерот на Вјеснк, во кој кариерата ја започнале и ја завршиле некои од најпознатите имиња на хрватската и поранешната југословенска медиумска сцена, е изграден во 1972 година. Се наоѓаше на престижно место во центарот на Загреб, на клучното раскрсје на Славонска авенија и Савска цеста, а повеќе од дваесет години се зборува дека е невозможно да се приведе во функционална состојба, дури и со темелна и скапа обнова. Иронично, еден од главните причини што зградата не можеше да добие употребна дозвола и „минимални технички услови“ беше тоа што нема противпожарни скали, кои било невозможно да се доградат.
Денес се гледа колку тоа било важно и каква трагедија можела да се случи доколку пожарот избиел во зграда полна со вработени. Не е јасно ни како воопшто во небодерот функционирале министерства, архивата на Поресната управа, приватни компании, радио-станици… Пожарникарите се бореа херојски, но се виде и дека Загреб нема опрема за гасење пожари на големи височини.
Облакодерот на Вјеснкпламна во ноќта помеѓу 17 и 18 ноември и огнот го уништи речиси целосно.
„Како нарачан“
Штетата е огромна, практично тотална, но конечната оценка ќе ја дадат статичарите. Рушењето би било мегапроект, особено поради огромните количини опасен азбест, и би ја променило панорамата на Загреб. За јавноста, веројатно најпожелно решение би била обнова, но останува прашањето дали тоа е можно, бидејќи статичарите уште по прелиминарниот визуелен преглед со дронови утврдија нарушена стабилност. „Бетонот изгубил дел од цврстината, особено на два-три ката. Не е целата зграда оштетена. Ќе ги следиме столбовите и нивното однесување“, изјави статичарот Марио Урош.
И покрај тоа, премиерот Андреј Пленковиќ оптимистички најави дека државата ќе направи што е потребно за да се обнови зградата. „Државата е сопственик на нешто над 60 проценти од небодерот, а тука се и други правни лица“, рече Пленковиќ, кој ја чека истрагата за утврдување на причината за пожарот. Охрабрувачки зборови испрати и потпретседателот на Владата за државна имотина, Бранко Баќиќ, кој уште следното утро изрази надеж за обнова. Не е тајна дека повеќе градежни лобија досега се интересирале за тоа извонредно земјиште на кое би можеле да никнат илјадници станови по енормни цени.
Освен небодерот, на парцелата се наоѓа и зградата-анекс каде пред 15 години работеше „Вечерњи лист“, потоа поранешната печатница на 46.000 квадратни метри и огромниот паркинг што се протега од Славонска до внатрешноста на населбата Цветно. Целата парцела има потенцијал за околу 220.000 квадратни метри станбено-деловен простор. Додека не се утврди причината за пожарот, ќе продолжат да се шират разни теории — веќе сега многумина посочуваат дека е чудно што пожарот истовремено избувнал на повеќе катови. Интересно е и тоа што се случи во ноќта пред Денот на сеќавањето, кога медиумите по правило се фокусирани на Вуковар. Многумина стравуваат дека пожарот е знак за расчистување на теренот за нови станбени комплекси или трговски центар.
Сите сопственици
Според имотниот лист, целата парцела облакодерот на Вјеснк, анекс и околина – е заведена како една катастарска парцела. На неа државата има 38,6 проценти, а околу 22 проценти се водат како имот на Вјесник д.д. во стечај, што заокружува преку 60 проценти државно сопствеништво. Трет најголем сопственик е швајцарската компанија Alegheny Financial (до 2020 година еден од сопствениците бил Нино Павиќ), со нешто помалку од 12 проценти. Над 10 проценти имаат и Konzum plus и VLM Cvjetno nekretnine d.o.o., сопственик на „Вечерњи лист“. Меѓу сопствениците се и радио „Лаганини“ (поранешно Плави радио), во сопственост на Јосип Мајхер, кој го продавал радиото токму на Павиќ, како и помали сопственици Multiprint и бизнисменот за отпад Крешо Цуљак.
Во текот на 2024 и 2025 година, сопствениците на простории во облакодерот на Вјеснк земале кредити, впишувале хипотеки, забелешки на право првенства… Дури и Хрватскиот олимписки одбор подигнал кредит од 3,5 милиони евра за својот простор. Ќе биде многу интересно да се види како на пожарот ќе реагираат осигурителните компании. Министерството за градежништво потврди дека располага со неколку деловни простории во зградата (2000 м²) и дека таму е префрлена повеќе од 7 километри архивски материјал, како и дел од ентериерот од обновата на Саборот.
Вјесник некогаш бил најмоќната новинско-издавачка куќа во регионот — во 1980-тите имал околу 6.000 вработени и продавал повеќе од 200 милиони примероци годишно. Камен-темелникот на небодерот беше поставен во 1959 година, а објектот го проектираше архитектот Антун Улрих исклучиво за новинарска и издавачка дејност. Првите редакции се вселија во 1972 година. Во 1985 година куќата печатела 267 изданија и продала повеќе од 223 милиони печатени производи. Врвот бил за време на Универзијадата. Со распадот на Југославија следува пад, приватизација и распарчување на системот. Уште во 1964 година за време на изградбата зградата била тешко оштетена од поплава, а конечниот удар го зададе пожарот на 17 ноември 2025.
