Што треба да знаете за стартот на новата учебна година и детската психологија

Во пресрет на новата учебна година и новите почетоци, направивме интервју со д-р Љубинка Дамјановиќ, која ни објасни детално како децата ги доживуваат и се справуваат со промените и новите ситуации. Таа се осврна на психолошките процеси кои ги поминуваат децата во овие моменти и понуди практични совети за родителите како да им помогнат на своите деца да ги надминат предизвиците и да се адаптираат на новата средина и обврски.

Одговорите на д-р Љубинка се многу корисни и детални, покривајќи широк спектар на предизвици со кои се соочуваат децата и родителите при влегување во градинка и училиште. Таа нагласува дека поаѓањето во градинка може да биде стресен период за децата поради одвојувањето од родителите, но дека со соработка меѓу родителите и градинките, ова може да се надмине. Децата кои веќе имаат искуство со дружење во паркови или други средини може да го доживеат одењето во градинка како позитивно и интересно искуство.

Трн: Што е најчеста реакција кај децата кога првпат тргнуваат во градинка?

Д-р Љубинка: Поаѓањето во градинка е стресен период за целото семејство. Најчестата реакција е неприфаќањето да се остане без присуството на родителот но и тоа се надминува за кратко време со заедничка соработка со стручниот тим од градинката и соработката со родителот.

Но има и деца кои предходно се дружеле со други деца во паркот, пред зграда во игротеки каде одењето во градинка е ново интересно и позитивно искуство.

Трн: Како родителите да ги подготват за оваа промена?

Д-р Љубинка: Детето треба да се научи дека не мора цело време да е со родителот. Па со краткотрајни останување без родителот ќе се навикне дека тој или таа ќе се вратат по него и да биде спокојно.

Дружењето со врсниците во игротеки на лулашките во паркот, споделувањето на играчки со други деца ја јакне самодовербата и ја поттикнува заинтересираноста за нови активности и нови лица во неговиот свет.

Трн: Што да очекуваат родителите во првите неколку недели од градинката – однесувања, емоции, можни потешкотии?

Д-р Љубинка: Се очекува децата да плачат, да се нервозни, да не сакаат да заспијат, да се жалат на болки по телото и сл.

Трн: Како да постапуваат родителите ако детето има проблем со разделувањето наутро?

Д-р Љубинка: Родителите треба да се стрпливи и истрајни при разделувањето наутро. Во првите денови да останат со детето во градинката, потоа за кратко време да биде само детето со неговата врсничка група, потоа да се остави на поголем период. Па дури на крај да се остави со преспивање. Искрено и смирено да се разговара со детето и да му се објасни новата промена.

Трн: Што треба да прават родителите ако детето постојано плаче или одбива да оди во градинка?

Д-р Љубинка: Родителите треба да бидат смирени и сталожени, преку разговор да ја објаснат новата промена во животот да ги потенцираат позитивните аспекти од другарувањето и играњето со врсници и работата со наставничката.

Во однос на првите недели во училиште, таа предлага воспоставување на рутини, како утринска и ноќна, за да се создаде чувство на предвидливост и безбедност. Родителите треба да ги пофалуваат децата за трудот, а не само за резултатите, и да ги учат на самостојност, на пример, самите да ги подготвуваат своите училишни материјали. За деца кои покажуваат знаци на анксиозност, таа предлага разговори за чувствата, поддршка преку рутини, како и евентуално консултација со стручни лица ако проблемите се продолжат.

Д-р Љубинка ги советува родителите да бидат позитивни и опуштени, бидејќи децата ја чувствуваат нивната енергија и често го усвојуваат нивниот став кон учењето и општењето.

Трн: Како можат родителите да ги подготват децата за првиот училиштен ден? Што е најважно да им пренесат?

Д-р Љубинка: Привиот училишен ден е незаборавно искуство, животен настан не само за детето туку и за семејството. Најбитно е да се зборува со децата за нивните чувства, едно од најчесто застапените е чувството на страв, кој може да е страв од непознато и страв од одвојување од родителите.

Трн: Какви емоции најчесто се јавуваат кај децата кога започнуваат училиште и како родителите да им помогнат да ги изразат и да се справат со нив?

Д-р Љубинка: Најбитно е да се зборува со децата за нивните чувства, едно од најчесто застапените е чувството на страв, кој може да е страв од непознато и страв од одвојување од родителите. Родителите треба да им објаснат дека чилиштето е безбедно место, каде не само учење ќе има и интересни насани запознавање на нови другари, славење на празници, приредби и воншколски активности.

Пред почетокот на училишната година детето треба да го запознае училиштет ако има можност да влезе во училиштето, да ги види училниците, да се запознае со наставничките со што ќе се намали стравот од непознато.

Започнувањето на училиштето за децата ќе значи престанок со сите забавни активности, па затоа е важно да се направат некои забавни активности особено во првите недели.

Ако родителите се исплашени за големата промена во животот на нивното прваче потребно е да не ја пренесуваат загриженоста кај детето, да останат спокојни, за да детето ја почувствува сирурноста и мирот кај нив.

  •   Утринска рутина појадок воодредено време, средување на ранецот и сл, детето треба да знае што се очекува од него наутро, ако нешто не направи како што треба, да се биде трпелив, а секое извршување на одредена активност да се пофали
  •   Ноќна рутина битна е хигиена на сонот, порано да се легне во кревет , да се скрати времето за гледање ТВ или играње на телефон. Да се мијат забите пред спиење и сл.
  •   Пишување на домашна задача – во почетокот може да изгледа како тешка активност, но треба да се одреди одреден период од денот кога ќе се пишува домашната задача, да се биде од помош при оваа активност. Може да се овозможат и здрави грицки

Детето треба да може самостојно да одбере облека за на училиште, да си спреми само ужинка или појадок за на школо.

Трн: Со какви најчести потешкотии се соочуваат децата при адаптација на училишниот живот?

Д-р Љубинка: Има најразлични потешкотии при адаптација на училишниот живот, потешкотии со учењето, потешкотии во воспоставување на пријателства. Потешкотии со концентрацијата и потешкотии во следењето на наставата.

Трн: Како да им помогнат родителите на децата да развијат самостојност и одговорност кон училишните обврски?

Д-р Љубинка: За детето да развие одговорност и самостојност кон учењето и завршување на училишните обврски потрбно е да има едно работно катче во домот, место на кое ќе ги пишува домашните задачи, но да се има во предвид дека малите деца не можат континуирано да учат и да пишуваат повеќе од 35-45 минути. Да се навикнуваат и да се поттикнуваат децата самостојно да ги средуваат своите книги, тетратки и ранецот, своите работи и својата соба или своето катче. Детето самостојно да ја пишува домашната задача, да не пишуваме ние родителите ниту да цртаме цртежи. Може да се направи контрола на веќе сработеното, да се биде на располагање за да се пружи помош, но без наметнување. Да се поттикнува истрајноста и упорноста во работењето. Да се пофали веќе сработеното, да се пофали трудот кој е вложен а не само крајниот резултат. На децата им е потребна рутина, така да теба да се погрижиме детето да си легнува и станува во одредено време, да има редовни оброци/. Храната и редовниот сон им овозможува подобра концентрациа и подобро учење и подобар успех во училиштето.

Трн: Како родителите да се справат со анксиозноста и стравовите на децата од новиот училишен систем и средина?

Д-р Љубинка: Доколку има поплаки за болка во стомакот, главоболка, дијареа, гадење, повраќање најпрво треба да се провери да не е некоја болест ики настинка и да се лекува. Но ако станува на телесна манифестација на анксиозноста треба да се поразговара со детето и да му се објасни што е анксиозноста, да ги опуштат децата, да немаат преголеми очекувања во однос на училишните постигнувања. Да им покажат преку игра како да се релаксираат и опуштат.

Трн: Што обично ги загрижува родителите во овој период и каква помош бараат од вас?

Д-р Љубинка: Потешкотии во адаптација на новата средина, не прифаќање од страна на врсниците, Потешкотии во совладување на наставниот материјал, Потешкотии во одвојувањето од родителот, особено за деца кои не посетувале предучилишна установа. Понекогаш има отпор да се воведе нова рутина за пишување на домашни задачи и менаџирање на времето за слободни активности.

Но и да се јават сите горе наведени Потешкотии доколку се обратат во ЈЗУ ЗДРАВСТВЕН ДОМ СКОПЈЕ, Завод за ментално здравје Скопје ќе ја добијат мултидисциплинарната подршка од тимот составен од психијатар, педагог, психолог, логопед социјален работни и специјален едукатор па се ова за кратко време со заеднички напори и работа ќе бидат надминати.

Трн: Кои се знаците дека детето има потреба од дополнителна поддршка или консултација со психолог?

Д-р Љубинка: Ако соматските поплаки се секојдневни, ако детето е нерасположено или е агресивно кон себе или кон блиските во тој случај треба да се побара стручна помош од професионалец.

Трн: Како можат родителите да помогнат на децата да развијат позитивен став кон учењето и општењето со другите деца?

Д-р Љубинка: Со сопствениот опуштен и позитивен став кон учењето и стекнувањето на нови вештини родителите ќе допринесат децата со радост да го прифатат учењето и обврските за пишување на домашни задачи.

Стекнувањето на пријателства е процес во кој бара да се има способност да се споделат и потешкотиите како и убавите нешта од училишниот живот. Детето треба да има самодоверба во себе, да сака да помогне, да сака да сподели доживување или некоја работа со најблиските. Да се потикнуваат активности за дружба од страна на родителите, особено во помалите одделенија на почетокот на учебната година.

Трн: Како можат родителите да се справат со сопствените емоции и стравови при оваа транзиција на нивното дете?

Д-р Љубинка: Родителите иако се чувствуваат несигурни како ќе се одвива новиот период во животот на нивното дете треба да ја скријат несигурноста и стравовите, да бидат позитивни во говорењето за процесот на учењето, наставниците да ги почитуваат и да ја вреднуваат нивната работа и заложба во описменување на детето и да има активна соработка со наставниот кадар континуирано.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни