Непал деновиве се соочува со најсериозната политичка криза од укинувањето на монархијата во 2008 година. Сè започна како младински бунт против одлуката на владата да ги блокира популарните социјални мрежи — Facebook, YouTube и X (поранешен Twitter), а прерасна во насилни улични судири, оставка на премиерот, распуштање на парламентот и прогласување на вонредна состојба.
Владата ја правдаше блокадата на мрежите со одбивањето на платформите да се регистрираат под национална регулатива. Но за младите, тоа беше само последниот симбол на долгогодишниот гнев — корупција, непотизам, недостаток на економска перспектива и отсуство на транспарентност во управувањето со државата.
Протестите брзо ескалираа. Полицијата употреби вистинска муниција, а улиците на Катманду и други градови се претворија во сцени на конфликт. Според официјалните податоци, животот го загубија најмалку 51 лице – вклучувајќи 21 демонстрант, тројца полицајци, девет затвореници и 18 цивили. Над 1.300 луѓе беа повредени, а шокантен податок е дека преку 13.000 затвореници избегале од затвори ширум земјата. Индија веќе врати дел од бегалците фатени на границата.
Под притисок, премиерот К.П. Шарма Оли — долгогодишен политички фигурант обвинуван за авторитаризам и корупција — поднесе оставка и исчезна од јавноста. Парламентот беше запален, претседателската палата нападната, а армијата мораше да го преземе јавниот ред.
Во ваква атмосфера, претседателот Рамчандра Паудел, во консултации со армијата и претставници на протестното движење, ја предложи поранешната претседателка на Врховниот суд, Сушила Карки, за привремена премиерка. Нејзиното назначување доби широка поддршка – и од воените кругови и од младите активисти.
Карки, 73-годишна правничка со долга кариера во борбата против корупција, е првата жена што застанува на чело на извршната власт во историјата на Непал. Во своето прво обраќање, таа порача: „Мораме да работиме во склад со размислувањето на генерацијата З. Она што тие го бараат е крај на корупцијата, добро управување и економска еднаквост.“
Карки е позната по тоа што како судија донесуваше пресуди против министри, полициски функционери и политички инсталации. Таа преживеа и обид за политички импичмент додека беше претседателка на Врховниот суд, но остана симбол на интегритетот.
Новата преодна влада доби мандат да ги организира предвремените избори закажани за 5 март 2026 година, да спроведе истраги за насилството врз демонстрантите и да обезбеди одговорност за злоупотребите на претходната власт. Веќе наредниот ден беше укинат полицискиот час во главните градови, а продавниците и пазарите повторно отворија. Улиците се смирија, но проблемите не се решени – илјадници бегалци сè уште се на слобода, а траумата кај граѓаните е длабока.
Посебен феномен претставува движењето кое стои зад овие промени. Тоа не е политичка партија, нема формална структура, ниту лидер. Самонаречената „Генерација З“ е составена од млади луѓе, индивидуалци и мрежи кои го користеа интернетот и мобилизацијата за да го изразат својот револт. Тие сега се борат не само за правда, туку и за нов политички систем базиран на транспарентност, одговорност и инклузија.
Но, кризата не е завршена. Иако Карки има широка поддршка кај народот, таа нема своја партија, ниту стабилно парламентарно мнозинство. Армијата останува клучен фактор, а старите политички елити ќе се обидат повторно да се вратат во игра. Прашањето дали изборите ќе се одржат навреме и дали новата преодна влада ќе може да ја зачува довербата на народот, останува отворено.
За многумина во Непал, ова е историска можност за обновување на институциите и за создавање нова политичка култура. Но за тоа да се случи, ќе биде потребна решителност, мудрост – и храброст не само за рушење, туку и за градење.