Што се случува со чашата вода што се чува ноќе покрај креветот

Многумина си оставаат чаша вода покрај креветот за во текот на ноќта, а понекогаш ја пијат дури кога ќе се разбудат утрото. Прашани – дали водата што седела преку ноќ е навистина безбедна за пиење, стручњаците велат: Да.

Како што пренесува порталот „Индекс“, водата може да има и донекаде застарен вкус – поради малите, безопасни хемиски реакции, но не содржи ништо што ќе се расипе, ниту пак, бактериите во голема мера ќе се размножат преку ноќта. Значи, отстоената вода не е штетна по здравјето, но може да влијае на рецепторите за вкус, зашто водата ги впива аромите и вкусовите, особено кога е на собна температура. 

Треба да се нагласи: Водата е побезбедна ако е во стаклена чаша, бидејќи пластиката содржи повеќе штетни состојки.

Што се случува со водата во чаша? По неколку часа, течноста ќе апсорбира јаглерод диоксид од воздухот, предизвикувајќи пад на пе-ха вредноста и сосем малку кисел мирис. Дополнително, и додадените хемикалии во водата од чешма, на пр. хлор, исто така, може да влијаат на вкусот.

Вреди да се напомене: Водата од различни извори не се добива или обработува на ист начин, па така и промените на вкусот може да бидат помалку или повеќе изразени.

Има уште еден фактор што треба да се земе предвид – садот. Ако се работи за чаша без капак, може да дојде до таложење честички прашина, па дури и инсекти. Затоа, советот тука гласи: Погледнете што сѐ има во чашата пред да ја испиете водата. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни