Олимписките игри во Париз завршија, но преносните клима уреди кои ги добија спортистите ќе добијат втор живот, а веројатно и трет.
Постоеја многу контроверзии околу климатизерите во Париз. Организаторите првично не ги вклучија во нивниот дизајн за собите во олимпиското село, користејќи по енергетски ефикасни опции. Но, топлотниот бран кој го погоди Париз значеше дека на спортистите им треба ладење, па дополнително се набавуваа преносни клима уреди кои мораше спортистите или нивните држави да ги доплаќаат.
Илјадници преносни клима уреди пристигнаа во олимпиското село, каде што беа сместени над 14 илјади спортисти и тренери. Игрите завршија на 11 август, но клима уредите ќе останат таму и за Параолимписките игри кои ќе започнат на 28 август и ќе траат до 8 септември.
Додека натпреварувачите на Олимписките игри мораа да платат за своите клима уреди, организаторите велат дека тие ќе им ги доделат бесплатно на параолимпијците, поради медицински причини, по еден за секои три спортисти. Олимпиското село се очекува да прими околу 8000 спортисти за време на Параолимписките игри, а голем дел од нив се соочуваат со попречености поради кои не може најдобро да ја регулираат температурата на своето тело.
Топлината беше безбедносен ризик пред Олимпијадата, што може да влијае врз перформансите на спортистите, но исто така и да предизвика топлотни удари и премореност. Температурите во Париз во јули достигнаа 35 степени.
Слични предизвици имаше и претходните изданија на Олимписките игри, но ризиците растат секоја година со влошувањето на климатските промени.
„Светот ги гледаше спортистите како се мачат на 35 степени. Доколку атмосферата не беше преполна со емисии од фосилни горива, температурата во Париз ќе беше три степени поладна и многу побезбедна за спортистите“ вели Фредерике Ото, од меѓународната група на истражувачи World Weather Attributon. Тие објавија анализа која откри дека топлотните бранови кои ја зафатија Европа оваа лето немало да се случат без климатските промени предизвикани од човекот.
Организаторите на Олимписките игри во Париз се соочија со загатка. Клима уредите можат да им помогнат на луѓето да останат безбедни за време на топлотниот бран, но придонесуваат и за климатската криза поради целата енергија што ја согоруваат. Тие може да ја напрегаат електричната мрежа за време на топлотни бранови, што може да доведе до опасни прекини на електричната енергија кога на луѓето најмногу им е потребно ладење. Урбанистите ширум светот се обидуваат да најдат поодржливи опции, вклучително и инсталирање енергетски ефикасни топлински пумпи или покривање згради со градини или бели покриви за да се избегне заробување на топлина.
Олимпиското село во Париз користеше геотермален систем за ладење, што користеше ладна вода од под земјата. Во комбинација со други елементи за изолација, системот требаше да постигне 23-26 степени во најтоплиот период. Сепак, тоа не беше доволно за да се надминат грижите на спортистите, поради што од Интернационалниот олимписки комитет рекоа дека изнајмиле клима уреди.
Истите клима уреди ќе бидат користени и за Параолмпијадата, а потоа тие ќе бидат поправени и повторно користени.
Олимпиското село ќе продолжи да се потпира на вградениот систем за ладење, дел од напорите да се претвори во нова „одржлива градска област“ по заминувањето на спортистите. Тоа вклучува планови за 2.500 домови, студентска резиденција и хотел – сите дизајнирани со надеж дека ќе го минимизираат нивното влијание врз животната средина.
„Се обидовме да најдеме рамнотежа во дизајнот и усогласувањето на селото помеѓу долгорочната цел да се создаде одржливо соседство; и краткорочна одговорност да им се дадат на спортистите со високи перформанси најдобри услови за подготовка“, рече портпаролот на ИОК Артур Фел за The Verge. „Клима уредите се културно распространети во некои делови од светот, но не и во Франција“.
Извор: The Verge