Што се „музички патишта“, како функционираат и за што служат?

Дека патот може да „свири“, а музиката да не доаѓа од автомобилот, туку директно од асфалтот, покажува пример кој деновиве повторно го привлече вниманието на социјалните мрежи.

Станува збор за феноменот познат како музички патишта, односно специфично сообраќајно решение што комбинира физика на звукот, безбедност во сообраќајот и елемент на уметност.

Повод за обновената заинтересираност беше објава на една корисничка на социјалната мрежа Икс, која потсети дека на една делница од патот број 67 во Унгарија инженерите издлабиле жлебови во асфалтот со таква прецизност што, кога автомобилот се движи со точно пропишаната брзина, гумите создаваат мелодија.

Како настанува „музиката“ на патот?

Музичките патишта функционираат благодарение на плитки жлебови врежани во коловозот, поставени на строго одредени растојанија. Кога автомобилот поминува преку нив, се создаваат вибрации меѓу гумите и асфалтот, кои се претвораат во звучни бранови.

Растојанието меѓу жлебовите ја одредува висината на тонот, додека нивниот распоред ја формира мелодијата.

Клучниот фактор е брзината: мелодијата јасно се слуша само ако возилото се движи со брзината за која патот е проектиран. Ако возачот вози побрзо или побавно, звукот станува нерамномерен или целосно исчезнува.

Зошто се градат вакви патишта?

Иако на прв поглед изгледаат како атракција, музичките патишта имаат јасна намена, зголемување на безбедноста во сообраќајот. Најчесто се поставуваат:

– на делници со чести сообраќајни несреќи
– во зони каде е потребно намалување на брзината
– на приоди кон населени места или опасни кривини

Идејата е едноставна: возачот добива моментална звучна повратна информација. Ако мелодијата звучи правилно, брзината е соодветна.

Кога патот станува „учител на брзина“

За разлика од лежечки полицајци, камери или казни, музичките патишта не делуваат репресивно. Напротив, тие ги поттикнуваат возачите самите да ја прилагодат брзината, бидејќи сакаат да го „погодат“ ритамот и да ја слушнат мелодијата.

На тој начин вниманието при возење се зголемува, а монотоното патување се претвора во активно искуство. Токму затоа ваквите решенија често се опишуваат како момент кога инфраструктурата престанува да биде само техничко средство и станува форма на комуникација со возачот.

Каде уште постојат „музички“ патишта?

Слични проекти претходно биле реализирани во САД, Јапонија и Јужна Кореја и во неколку европски држави.

Во некои случаи, жлебовите создаваат познати мелодии или државни химни, додека на други места тоновите се едноставни и служат исклучиво за контрола на брзината.

Како што се наведува и во објавите на социјалните мрежи, ваквите решенија не се новина, дел од возачите се сеќаваат дека слични делници постоеле и пред повеќе од една деценија, токму на места со зголемен број несреќи.

Инфраструктура меѓу функцијата и уметноста

Феноменот на музичките патишта покажува дека безбедноста во сообраќајот не мора секогаш да се темели на казни и строги предупредувања. Понекогаш е доволно патот „да проговори“ или, во овој случај, да запее за возачите да забават.

Во време кога сè повеќе се бараат креативни и ненасилни решенија во јавниот простор, врежаните жлебови во асфалтот остануваат пример како едноставна идеја може да го промени однесувањето во сообраќајот, но и доживувањето на самото возење.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни