Што сè го уништи нашето Скопје?

Жал ми е Скопје за тебе, затоа што секоја нова политичка структура ти носеше некаква трагедија. Жал ми е затоа што никогаш не беше вистински приоритет. Жал ми е што ти се случи Скопје 2014. Жал ми е затоа што со години се глуми посветеност кон твое еколошко реформирање, жал ми е што се користиш за политички поени пред избори. Жал ми е затоа што стана непрепознатлив, а степенот на твое уништување е сè поголем секој ден. Жал ми е што си сценарио за театарска претстава во нечии очи. Многу, многу ми е жал.

За да одговориме на ова прашање, веројатно треба да погледнеме во колективната меморија. Да ги освежиме сите политички ветувања за подобар град, сите предизборни прошетки низ најзапуштените градски населби, сите зборови во празно, поткрепени со рефлектори и медиумски изјави. Го пишувам ова како еден од тие млади луѓе, за кои се зборува толку многу дека сме иднината на земјава (особено пред камери), полна со гнев и размислувам што по ѓаволите правам овде?

Имам толку голема желба да бидам овде и да работам, да пишувам, да се инспирирам во земјата каде сум се родила, за да можам преку неа да се поврзувам и со другите култури од кои црпам инспирација и ми се многу драги. Ова парче земја да остане точка на мое укотвување, каде секогаш ќе се враќам, каде секогаш ќе се чувствувам безбедно, мирно. Ќе се чувствувам како дома.

Верувам дека сите граѓани на Скопје ја имаат таа желба, а исто и на Македонија. Начинот на кој го губиме градот убав, кој чекавме долго одново да никне, е начин на кој ја губиме и земјата за која сонувавме. Јас не зборувам за граници сега,  зборувам за бунтот, за храброста да се бара повеќе, за критичната маса, за културното наследство, за она што треба да го оставиме после нас. По последните случувања во Скопје, не знам веќе што е тоа што може да се остави за идните генерации, освен ако не се слушне сега крикот на луѓето кои гледаат како нивниот град пропаѓа.

Тешко е само со една реченица да се одговори што сè го задуши нашиот град, но ќе почнам од тоа дека нашата пасивност и немобилизирање е дел од олеснувањето на тој процес. Им се восхитувам на луѓето кои целиот живот и младост ја поминаа во борба тука и го разбирам нивниот умор. Истовремено чувствувам срам затоа што не ја продолжуваме нивната битка. Бројот на луѓе кои имаат елан за тоа секој ден е помал, а апатијата станува сè поголема.

Жал ми е Скопје за тебе, затоа што секоја нова политичка структура ти носеше некаква трагедија. Жал ми е затоа што никогаш не беше вистински приоритет. Жал ми е што ти се случи Скопје 2014. Жал ми е затоа што со години се глуми посветеност кон твое еколошко реформирање, жал ми е што се користиш за политички поени пред избори. Жал ми е затоа што стана непрепознатлив, а степенот на твое уништување е сè поголем секој ден. Жал ми е што си сценарио за театарска претстава во нечии очи. Многу, многу ми е жал.

Веќе го немаме ни правото на чист воздух. Она основното нешто. Немаме утро со отворен прозорец од каде може да влезе воздух кој не е радикално загаден, немаме јавен превоз кој во точно време и достоинствени услови може да нè однесе на работа, немаме безбедни улици. Имаме само урбанистички хаос и тотално узурпирани јавни површини. Згради кои буквално си влегуваат во просторот една на друга. Градби кои го рушат духот на културното наследство и никнуваат како печурки на сметка на планското градење. Ужасно лош мирис. Град без естетски каков било план. Ѓубре расфрлено по Партизанска и Илинденска, кое мириса бескрајно силно. Не треба да набројувам уште, сите ќе најдеме по нешто во радиус од 5 метри ако се свртиме околу себе.  Овде ги имаме само малите светови на поддршка кои ги градиме, кои нè одржуваат, ама кои некогаш не се доволни.

Безобразниот клиентелизам, партиската книшка и дрскоста да се користи градот како приватна сопственост го доведоа до трагедија градот изграден на светската солидарност со многу надеж за иднината. Длабоката политичка злоупотреба помешана со апатијата создадоа идеална можност за ова што сега го искусуваме.Ова веќе не е град кој дава шанса за живот. Ова сега е град обоен во црно. Ние сме само неми сведоци.

Најсилниот удар кој може да се зададе во моментов на нашето Скопје е премолчувањето. Нашата тишина од која нема да произлезе крик кој вели: ОВА Е ГРАД ШТО ПРОПАЃА, ЗАЕДНО СО НАШАТА АПАТИЈА И БОЛКА.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни