Ројтерс и Асошиејтед прес го опишуваат Томпсон како „контроверзен националистички пејач“ и „десничар познат по перципираните симпатии кон пронацистичкиот марионетски режим од Втората светска војна“. Тие потсетуваат дека неговите настапи се забранети во неколку европски земји, меѓу кои се Холандија, Швајцарија и Босна и Херцеговина.
Во своја одбрана, Томпсон тврди дека неговите песни се инспирирани од љубовта кон Бога, семејството, татковината и народот, а не од никаква идеологија.
Концертот го посетиле 450.000 луѓе
Според проценките на медиумите, на концертот присуствувале околу 450.000 посетители, што се опишува како „најголем концерт во историјата на Хрватска“. Томпсон од бината повика на единство, апелирајќи за „враќање кон традицијата и христијанските корени“.
Поделени реакции
Медиумите им објаснуваат на меѓународните читатели дека пејачот често е обвинуван за кокетирање со симболиката и реториката на усташкиот режим, кој некои хрватски националисти го сметаат за темел на државноста, и покрај документраните злосторства. Томпсон, пак, инсистира дека слави само победата во Домовинската војна.
Еуфорија на социјалните мрежи
На социјалните мрежи се појавија бројни коментари на воодушевени фанови:
„Најдобриот концерт на кој сум бил“, „Величествено, емотивно, без ниту еден инцидент“, „Ова ќе се памети со години“, „Совршенство! Томпсоне, поклон до земја!“.
Во исто време, се појавија и критики, меѓу кои и таа на поранешната премиерка Јадранка Косор, која изјави дека „државата и градот беа ставени во служба на еден човек“.