Што ни е „Тригер“?  Ново субверзивно списание за општа култура од млади за млади

Неколку зборови за новото младинско списание „Тригер“ кое недостасуваше на културната сцена во Македонија и нуди нова перспектива за уметноста, младите и тоа што го читаат, пишуваат и слушаат.

Како дел од многуте активности  на „Култура Бета“ деновиве од печат излезе и младинското списание за општа култура наречено „Тригер“.  Провокативно име и субверзивни теми се нешто кое особено недостасува на младинската културна сцена, а овие момци и девојки покажуваат дека во таа насока била и нивната главна замисла кога работеле на него. Фантастичен дизајн на Ема Велковска и Марија Смилевска, добро познатото скопско дизајнерско дуо е првото нешто кое ви го предизвикува вниманието кога го гледате списанието. Но, тоа е само најава за тоа што следува и за убавото изненадување годинава што ја приреди овој тим.

„Тригер“ или нешто кое копка, подбуцнува, провоцира – списание кое во својот дух ја носи идејата за проактивност и отварање важни општествени прашања за младите тука, но и младите секаде. Списание кое со изборот преводи, уметност и теми комуницира со регионот, кое не сака да се изолира, туку напротив – да го сврти вниманието кон она што нè мачи и потиснува како колектив периодов, она што треба да се менува и да се истражува. Имаме како млади многу работи кои нè „тригернуваат“, а ова списание одлично зборува за нив во секоја смисла.

На промоцијата која ќе се случи овој петок во кафе-книжарницата „Буква“, верувам дека повеќето посетители подобро ќе се запознаат со самата идеја и комплексноста да се направи овој потфат со минимум ресурси и многу желба и ентузијазам. Во меѓувреме, важно е да се спомене дека субверзивноста и храброста на овој тим да го продуцира првиот број, не само што се за поздравување, туку покажува дека нужно мора да се движиме во оваа насока воопшто и да ја размрдуваме младинската сцена. Да ја протресуваме, да ја вознемируваме, да ѝ ветиме дека нема да ја оставиме тивка и здодевна. Да ја поврземе со борбата за слобода, со еднаквоста, со отвореноста за сите и критичкиот ум  кои мораме да ги сочуваме во времиња кога од сите страни нè притиска загушување на прогресивноста.

Ова издание на повеќе од седумдесет страници и во неколку рубрики  покрива младинска поезија од македонски автори, субверзивни автори во препев, квир рубрика која е особено значајна и разлеана низ неколку сегменти – критички текст за книгата „Кој го уби татко ми“? , интервју со дрег-кралицата Електра, текст за регионалната квир антологија „Рушење на четирите ѕида“ и повеќе од тоа и поезија. Дополнително, може да се најдат критичките текстови на Наде Циева за концептуалната уметност, текстот на Калина Качоровска за растењето на Рузвелтова и куќата како идентитет кои функционираат како засебни целини и се меѓу најуникатните содржини во списанието, интевју со басистот Раде Биковски и разговор за современата македонска алтернативна музика и многу повеќе. Шаренило од бои, од отворени умови, од храброст, од млади кои читаат и имаат што да кажат – токму тоа е новото македонско списание кое не смее да се пропушти.

Во суштина, тоа што најмногу ми се допаѓа за „Тригер“ е што ова списание си поигрува со концептот на литературни магазини и отвара еден поинаков простор за тоа што младите чувствуваат дека недостасува во книжевноста и културата кај нас. Токму на овие страници, може да се најде бунтот за кој ретко ќе го прочитате во официјалните извори. Тоа е гласот и крикот на едни нови генерации кои бара повеќе и од себе и од светот, но и од тоа што се чита и се пишува. Генерации кои се читаат меѓусебе, генерации на кои им е дојдено преку глава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни