Во Европската унија дури 77% од корисниците на интернет купуваат онлајн, покажуваат податоците на Евростат. Купувањето преку интернет во ЕУ продолжува да расте, според најновото годишно истражување за употребата на ИКТ во домаќинствата и меѓу поединците.
Во 2024 година, 77% од корисниците на интернет купувале или нарачале стока или услуги за лична употреба преку интернет во претходните 12 месеци, што е пораст во однос на 59 те проценти во 2014 година.
„Најголемиот процент на корисници на интернет кои извршиле онлајн купувања во 2024 година е забележан во Ирска (96%), Холандија (94%) и Данска (91%)“, наведува Евростат.
Од друга страна, меѓу земјите членки на ЕУ, Бугарија имала најнизок удел на корисници на интернет кои купувале онлајн – 57%, додека Италија и Романија имале по 60 проценти.
Сепак, во текот на последната деценија – од 2014 до 2024 година – значителен раст на онлајн купувањето меѓу корисниците на интернет е забележан во Романија (за 43 процентни поени, од 17% на 60%), Унгарија (за 37 процентни поени, од 42% на 79%) и Литванија (за 36 процентни поени, од 36% на 72%).
Најмногу се купува – облека
Податоците на Евростат покажуваат дека најчесто купуваната стока преку интернет во 2024 година била облека (вклучувајќи ја и спортската облека), обувки и модни додатоци, при што, како што се истакнува, 45% од луѓето ги извршиле овие купувања во претходните три месеци.
„По тоа следат испорака на храна од ресторани, ланци на брза храна и кетеринг услуги (21%), козметика и производи за нега и ‘велнес’ (20%), како и мебел, домашен декор и производи за градина (19%)“, наведува извештајот на Евростат.
Следни на листата се спортска опрема (без спортска облека), печатени книги, списанија, весници и додатоци во исхраната како витамини (не вклучувајќи онлајн обновување на рецепти), секој со удел од по 16%.