Повеќе од половина граѓани на Европската Унија се изјасниле дека го поддржуваат идното проширување на Унијата, при што речиси секој десетти е силно за, покажува најновото истражување на Евробарометар.
Во 23 земји-членки најмалку 50% од испитаниците изразиле поддршка, а највисоки проценти се регистрирани во Шведска (79%), Данска (75%) и Литванија (74%). Земјите кои моментално се кандидати за членство се: Украина, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Молдавија, Србија, Грузија, Албанија, Косово и Турција. Поддршката за проширување е особено висока меѓу младите – 67% од испитаниците на возраст меѓу 15 и 24 години и 63% од оние на возраст од 25 до 39 години се за прием на нови членки, особено доколку тие ги исполнат сите услови. Повеќето граѓани сметаат дека и нивната земја би имала корист од идното проширување на ЕУ.
Како главни придобивки се наведуваат: зголемено глобално влијание на Унијата (37%), поширок пазар за европските компании (37%), повеќе можности за вработување (31%) и зголемена солидарност меѓу земјите-членки (30%). Истовремено, испитаниците изразиле и одредени грижи во врска со потенцијалното проширување. Најголеми стравувања се појавуваат во однос на неконтролираната миграција (40%), корупцијата и криминалот (39%), како и финансискиот товар врз европските даночни обврзници (37%).
Поддршката за конкретни кандидати варира – нешто повеќе од половина од испитаниците ја поддржуваат кандидатурата на Украина, иако нејзиниот напредок е блокиран поради вето од Унгарија, што истовремено го попречува и патот на Молдавија. Црна Гора доби 51% поддршка и е најпосакуван кандидат во седум земји. Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Молдавија добиле по 48% поддршка. За разлика од нив, Турција не е фаворизиран кандидат во ниту една земја-членка, а поддршката за нејзино членство е под 40%, дури и доколку ги исполни сите услови.