Што мислат граѓаните на ЕУ за проширувањето на Унијата со нови земји?

Повеќе од половина граѓани на ЕУ го поддржуваат проширувањето на Унијата. Украина, Црна Гора и Северна Македонија се меѓу најподдржаните кандидати, според новото истражување на Евробарометар.

Повеќе од половина граѓани на Европската Унија се изјасниле дека го поддржуваат идното проширување на Унијата, при што речиси секој десетти е силно за, покажува најновото истражување на Евробарометар.

Во 23 земји-членки најмалку 50% од испитаниците изразиле поддршка, а највисоки проценти се регистрирани во Шведска (79%), Данска (75%) и Литванија (74%). Земјите кои моментално се кандидати за членство се: Украина, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Молдавија, Србија, Грузија, Албанија, Косово и Турција. Поддршката за проширување е особено висока меѓу младите – 67% од испитаниците на возраст меѓу 15 и 24 години и 63% од оние на возраст од 25 до 39 години се за прием на нови членки, особено доколку тие ги исполнат сите услови. Повеќето граѓани сметаат дека и нивната земја би имала корист од идното проширување на ЕУ.

Како главни придобивки се наведуваат: зголемено глобално влијание на Унијата (37%), поширок пазар за европските компании (37%), повеќе можности за вработување (31%) и зголемена солидарност меѓу земјите-членки (30%). Истовремено, испитаниците изразиле и одредени грижи во врска со потенцијалното проширување. Најголеми стравувања се појавуваат во однос на неконтролираната миграција (40%), корупцијата и криминалот (39%), како и финансискиот товар врз европските даночни обврзници (37%).

Поддршката за конкретни кандидати варира – нешто повеќе од половина од испитаниците ја поддржуваат кандидатурата на Украина, иако нејзиниот напредок е блокиран поради вето од Унгарија, што истовремено го попречува и патот на Молдавија. Црна Гора доби 51% поддршка и е најпосакуван кандидат во седум земји. Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Молдавија добиле по 48% поддршка. За разлика од нив, Турција не е фаворизиран кандидат во ниту една земја-членка, а поддршката за нејзино членство е под 40%, дури и доколку ги исполни сите услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни