Најновите вести од иднината, а блиски до сегашноста, доаѓаат од Светскиот мобилен конгрес MWC 2026 кој се одржа во Барселона, а ни ги носат главниот извршен директор на Македонски Телеком Горан Марковиќ и Дениз Абдула од Трн.мк.
Игрите и дигиталните услуги сè повеќе се одвојуваат од конкретен уред и просторија и се префрлаат кон модел во кој „вртат“ на cloud, а до корисникот стигнува само сликата преку брза и стабилна мрежа. На овој принцип, гејмингот и комплексните апликации помалку зависат од моќта на конзолата или компјутерот дома, а повеќе од квалитетот на интернетот и од интеграцијата помеѓу мрежата, серверите и телефонот.
Оваа промена директно се поврзува и со начинот на кој се користат апликациите. Наместо екран исполнет со десетици икони што корисникот мора рачно да ги отвора и пребарува, се наметнува концепт во кој вградена вештачка интелигенција на телефонот ги повикува потребните услуги во позадина. Силен AI може сам да стартува игра, да најде точна услуга, да изврши плаќање или да организира информација, без корисникот да мора да знае преку која конкретна апликација тоа се прави.
Така, мрежата, cloud инфраструктурата и AI стануваат централни столбови на новото дигитално искуство. Хардверот дома станува помалку „главен лик“, а повеќе пристапна точка до паметна, распределена платформа. Демонстрациите на MWC 2026 во Барселона ја потврдуваат токму оваа насока: гејминг стриминг, услуги врз високобрзински интернет и телефони во кои вештачката интелигенција постепено го заменува класичниот концепт на „телефон полн со апликации“.