Дехидрацијата и стресот го зголемуваат пулсот на човекот

Вода, дишење, сон, движење и помалку стрес можат да помогнат за понизок пулс, но во одредени случаи забрзаниот ритам бара лекарска проверка.

Срцето на просечен возрасен човек чука меѓу 60 и 100 пати во минута, но тој број не е само медицинска статистика. Тој кажува многу за тоа како функционира телото и колку е оптоварен организмот. Кога пулсот се забрзува без јасна причина, телото често сигнализира дека нешто не е во рамнотежа, од стрес и дехидрација до недоволно сон и лоши навики.

Една од наједноставните, а често занемарени причини за забрзан пулс е дехидрацијата. Кога телото нема доволно течности, крвта станува погуста, а срцето мора да работи понапорно за да ја движи низ крвните садови. Затоа доволниот внес на вода е една од првите линии на одбрана, иако количината не е иста за сите и зависи од возраста, активноста и здравствената состојба.

Веднаш потоа доаѓа дишењето. Бавното и длабоко дишење го активира парасимпатичкиот нервен систем, односно механизмот што му кажува на телото да се смири. Преглед на 15 научни студии покажал дека вежбите за дишење можат да го намалат и крвниот притисок и срцевиот ритам. Практично, тоа значи дека неколку минути мирно дишење со дијафрагмата понекогаш можат да направат повеќе отколку што изгледа.

Стресот е уште еден важен фактор. Кога телото е постојано во режим на тревога, срцето останува како да е постојано под команда да забрза. Затоа редовното движење, квалитетниот сон, времето поминато со блиски луѓе и активностите што го смируваат умот не се луксуз, туку реални начини да се намали оптоварувањето врз срцето.

Иако звучи парадоксално, и физичката активност помага пулсот долгорочно да се намали. Додека вежбате, пулсот расте, но со време срцето станува поефикасно и му требаат помалку отчукувања за да ја заврши истата работа. Речиси 200 истражувања покажале дека различни форми на вежбање, особено аеробните активности, може постепено да го намалат пулсот, а како корисни се издвојуваат и јога, таи-чи и тренинг со сила.

На пулсот влијаат и алкохолот, цигарите и кофеинот. Дури и мали количини алкохол можат да предизвикаат пораст на пулсот во часовите по консумирањето, пушењето го оптоварува срцето преку повеќе механизми одеднаш, а кофеинот кај дел од луѓето може да го забрза срцевиот ритам. Затоа намалувањето на овие навики не е само прашање на општо здравје, туку и на тоа како срцето го поминува секој ден.

Сонот, телесната тежина и медитацијата исто така играат улога. За време на длабоките фази на сон, пулсот се намалува и телото се обновува, а кога организмот е хронично уморен или оптоварен со вишок килограми, срцето мора да работи повеќе. Медитацијата, пак, се издвојува како едноставна навика што може да помогне во намалување на стресот и смирување на срцевиот ритам.

Сепак, важно е да не се романтизира секое намалување или зголемување на пулсот. Пулсот под 60 или над 100 отчукувања во минута понекогаш може да укажува на здравствен проблем, иако не секогаш. Кај спортистите, на пример, понискиот пулс често е знак на ефикасно срце. Но кога има симптоми, вртоглавица, слабост, болка во градите или чувство дека срцето „прескокнува“, тогаш веќе не станува збор за совет од животен стил, туку за потреба од лекарска проценка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни