Што ги избрка младите од градот?

Од исчезнувањето на културниот пулс до институционалната глувост, градот полека ги оттурнува оние што треба да ја градат неговата иднина.

Културата е идентитет, на човекот, на заедницата и на градот. Културата е вредносен компас кој, очигледно, веќе го нема. Младите си заминуваат, а градот станува сè понепрепознатлив. Се менуваат луѓето, се менува и тој. Се менува и сцената, се менува и вредноста.

Им здосадија на младите местата и истите луѓе. Им здосади културата што ја нема. Им здосади да немаат каде да одат и културно да се надградуваат. Да немаат простор за културно творење.

Им здосади да чекаат од фестивал до фестивал, ако воопшто некој опстане. Им здосади да исчезнуваат сите оние творештва што биле создавани, а сме дозволиле да исчезнат.

Им здосади да ги пополнуваат празнините со исти формати на забава, и споредбата со другите метрополи, а и сонот дека некогаш ќе бидеме како нив. Им здосади истата евтина понуда и скапите цени.

Им здосади да исчезнува живтот на градот, и не само „културата“ како апстрактна вредност, туку и местата за свирки, фестивалите, независните настани, просторот за млади автори, разговорите, како и чувството дека градот има пулс. Им здосади да се заглавуваат во институционалните лавиринти и клиентелизам, во борбата да создадат и развијат нешто ново.

На младите едностано им здосади. Им здосади и поделбата на градот, и местата што немаат ниту душа, ниту идентитет.

Ги загубивме вредностите што ќе ги задржат младите тука, од човечко, до општествено, па и културно ниво.

Ги избркаа и луѓето, и суетите. Ги избркаа прости сезнајковци кои знаеја сè, па останавме колектив кој не знае ништо. Колектив кој не знае да го цени она наше што целиот свет го препознава, а останавме со она што воопшто не ни припаѓа.

Ги избрка простата маса, ги избркаа суетата и егото на луѓето кои ја продаваат културата и ги пропагираат вредностите што не нè одведоа никаде.

Ги избрка и префрлањето на топката за тоа кој е виновен, а сите колективно дозволивме градот да стане место без културна амбиција.

И не знам дали воопшто некогаш ќе ги вратиме, и културата, и младите. Човек не го напушта градот само кога нема услови за живот, туку и кога веќе не се препознава во него. Затоа што за градење на културна идентификација се потребни луѓе, а за нејзино зачувување се потребни следните генерации. Градот не губи само публика, туку губи идни автори, музичари, писатели, организатори, критичари, луѓе што му даваат живот на градот. А на младите им здосади вредностите и културата да бидат релативни, а последиците трајни.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни