Во колективната свест на српскиот народ, Световид или Свети Вид (од кој е изведен терминот Видовден) не е само верски празник, туку има повеќеслојно значење. Овој ден зборува за историјата и традицијата, за важните одлуки и настани, за жртвите и војните.
Битката на Косово (1389)
Меѓу нјаважните настани на овој ден е Битката за Косово, која е најзначајната битка за Србите а се одвила на 15 јуни (според стариот календар) во близина на Приштина помеѓу христијаните и Османлиите. Српските сили биле предводени од принцот Лазар Хребељановиќ и вклучувале сили на неговите роднини и сојузници, додека турската војска била предводена од султанот Мурат I со неговите синови Јакуб и Бајазит.

Понатаму, на Видовден 1881 година, бил потпишан договор со кој Србија се обврзала да не склучува никакви политички или економски договори со други земји без претходно одобрение од Австро-Унгарија.
Атентатот во Сараево (1914)
Сараевскиот или Видовденски атентат се случил на 28 јуни 1914 година во Сараево (Босна и Херцеговина) кога Гаврило Принцип, од група од шест атентатори членови на организацијата „Млада Босна“, координирана од Данило Илиќ, го убиле австроунгарскиот престолонаследник надвојводата Франц Фердинанд и неговата сопруга, Софија, војвотка од Хоенберг. Овој настан ќе биде и повод за Австроунгарија да ѝ објави војна на Србија, што било повод за низа објави на војна меѓу другите европски сили. Пет години подоцна, во 1919 година, на истиот датум, ќе биде потпишан Версајскиот договор кој ќе стави крај на Првата светска војна.

На Видовден, 1921 година ќе биде донесен Видовденскиот устав, кој е највисокиот правен акт на идната Југославија, со што започнал периодот на заеднички живот на словенските народи.
Зошто денес голем протест на студентите против Вучиќ?
Протестите на студентите во Србија започнаа кон средината на месец ноември 2024 година. Она што започна како 16минутна тишина во сеќавање на жртвите од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, продолжи преку блокади на универзитетите и факултетите, а потоа и со масовни протести во различни градови.

И покрај повеќемесечните масовни протести, власта предовдена од Александар Вучиќ не попушта, туку ја засилува репресијата врз оние кои излегуваат на улиците.
За седумте месеци протести, се случија низа на прегазувања и претепувања на студенти и активисти кои се уште се без правна последица.
Како метод на страв постојано се приведуваат, апсат и држат во полициски станици организатори на блокадите а се отвораат и судски постапки против воените ветерани кои се на страна на студентите.
Оттаму, водејќи се од важноста на денешниот ден кој за Србите важи за ден на пркос, храборост и борба, студентите повикаа на масовен протест во Белград на платото на Славија.
Иако меѓуградскиот железнички превоз е забранет, сепак попладнево во Белград се очекуваат да пристигнат десетици илјади граѓани.