Што е “Талава”, музиката што Еди Рама сака да ја забрани во туристичките места во Албанија?

Албанскиот премиер Еди Рама повторно предизвика жестоки реакции во јавноста со својата отворена критика кон домашните туристи – особено оние од Албанија, Косово и Северна Македонија.

Според Рама, токму туристите кои зборуваат албански, „а сакаат да одат во војна со Србија на стадион“, се најголемите загадувачи на албанските плажи.

„Не се туристите што зборуваат англиски, шпански или италијански тие што ни ги оставаат плажите во хаос. Туку нашите – тие што се декларираат како најголеми патриоти, а зад себе оставаат најмногу отпад“, рече Рама.

Како дел од иницијативата за подобрување на туристичката култура и заштитата на животната средина, премиерот најави и нова мерка: можна забрана на пуштање талава музика во плажните барови и клубови. Овој музички жанр, иако популарен, често е подложен на критики, но и на стереотипи и културни предрасуди.

Што е „талава“ – музиката што Рама ја спомена?

Талава е музички стил кој своите корени ги има во 1980-тите меѓу ромските и ашкалиските заедници во Косово и Македонија. Подоцна, жанрот се проширил низ целиот Балкан, особено меѓу албанската популација. Денес, талавата има двосмислен статус – се слави на свадби, но често се потценува како „музика без вредност“.

Етномузиколози и културни експерти истакнуваат дека негативниот однос кон талавата е поврзан со расистички и класни предрасуди, особено кон Ромите, Ашкалите и Египќаните – заедници кои ја негуваат и пренесуваат оваа музика.

„Талава е музика на Балканот. Музика на оние што немаат глас, но имаат ритам и животна приказна“, вели Бајрам Кафу Киноли, познат ромски музичар од Косово.

Изјавата на Рама доаѓа во време кога Албанија бележи рекордни бројки на туристи, но и зголемена загриженост за одржливоста на туристичките дестинации. Тој порача дека не станува збор за дискриминација, туку за јасна цел – туристичка култура на повисоко ниво.

Сепак, дел од јавноста неговите изјави ги смета за контроверзни и социјално осетливи, бидејќи ја поврзуваат националната припадност со некултура и загадување, а музичкиот вкус со општествено однесување.

Критиката кон талавата не е нова. Во јавниот простор таа се користи и како пејоративен термин – од „талава политика“ за хаотична политика, до „талава дебата“ за површни разговори. Сепак, етномузиколозите предупредуваат дека ваквите поедноставувања ги бришат културните слоеви на жанрот.

Музикологот Микаела Минга објаснува дека талавата е дел од балканското културно наследство, родена од мешањето на традиции и идентитети – и не треба да се исклучува од јавниот живот само поради своето потекло.

Извор: Либертас/Коха

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни