Што е со бумерите

Често си размислувам за генерацискиот јаз — зошто постои, како се формира, кога почнува. Кога едните му засметуваат на другите и почнуваат да се јавуваа боите на генерацијата и каква ќе биде таа. Сакам да ги разберам бумерите од перспектива на некој што не им припаѓа. Сакам да ја разбирам логиката зад нивниот свет, онака како што тие се обидуваат да ја разберат нашата.

Во последно време, навистина ги гледам тие обиди. Како да има желба да се воспостави контакт, разбирање. Како да сакаат да допрат до тоа зошто сакаме да бидеме свои, зошто одбираме да си бидеме доволни, зошто не ни е срам да го кажеме тоа гласно.

И тоа ме натера да се прашам: дали некој сака да нѐ анализира или само сака да разговара со нас?

Сакав да почнам со разговор. Со вистински луѓе. Но честопати, наместо дијалог, добивав нешто како удоволување на она што можеби тој спроти мене мисли што јас сакам да слушнам.

Тогаш решив да побарам разбирање на друго место. Не од соговорници, туку од уметници. Каде што зборовите се побрутални и помалку завиени отколку во секојдневието.

И така, случајно налетав на една книга – буквално купена од „КАМ“ – Сè што знам за љубовта од Доли Олдертон.
Прво мислев дека ќе биде обична, лесна литература за на плажа (иако ја читав на балкон), ама Доли ја отвори душата. И со тоа ми го отвори светот на бумерите. Многу дрога, многу алкохол, многу журки, и многу секс — секаков секс.

Со последните странички на книгата се здобив со разбирање. На една генерација која можеби не ни била толку различна од нас — само се справувала со други „треба“ и други „не смееш“.

Во некои сегменти разбрав дека недостигал моментот избери се себе си — не за да бидеш посебен, туку за да бидеш искрен. Тоа им недостасувало. А можеби затоа нè гледаат како себични, гласни, премногу независни. А можеби само сме – директни.

Овој пасус ми остана врежан:

„Секојпат кога ќе отворев весник, новинарите зборуваа за тоа колку се загрижени за нас: дали некогаш ќе се најдеме на имотната скала? Дали некогаш ќе се сталожиме?…“

И подоцна:

„И сите беа маѓепсани од зумерите: зошто пиеле помалку од нас? На кој начин и поинаку ги изразувале родот и сексуалноста?“

Тоа што за едните беше загриженост, за другите беше фасцинација.

И тука сфатив: можеби и ние генерализирано зборуваме. Но она што е сигурно е дека сакаме да живееме според свои вредности. Сакаме да бидеме верни на себе, дури и ако тоа значи да не се вклопуваме секогаш. Денес, многу нешта повеќе не се „мора“ туку можеме да избереме. „Треба“ се заменува со „сакам“. И тоа не е непочитување. Тоа е нов начин на разбирање.

Не знам што точно се случува во овој генерациски прелив. Ама едно знам:

Не мора вие да бидете ние. Ниту ние да бидеме вие. И тоа е сосема во ред.

Тоа не значи дека не можеме да се разбереме. Не мора да не анализирате — разговарајте со нас.
Супер сме во наоѓање разбирачка. Она што Gen Z го знае, го научи од бумерите — само сме upgraded верзија. Не сме студија на случај — спремни сме за разговор.
Нешто како talk show што би се викал:
„Прашај и ќе дознаеш“.
Сигурна сум дека се разбираме… 😉

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни