Според американските истражувачи кои ги следеле навиките за пиење на речиси 2.000 возрасни луѓе, дури и луѓето кои мешаат алкохолни пијалоци се поздрави од оние кои пијат пиво.
Студијата покажа дека луѓето кои консумираат пиво имаат најголем дневен внес на калории и најниско ниво на физичка активност. Ова, велат експертите, ги става љубителите на пиво на поголем ризик од дебелина и поврзани болести.
Во студијата, научниците ја споредиле исхраната на повеќе од 1.900 американски конзумирачи на алкохол со таканаречениот индекс на здрава исхрана од 100 точки – американска мерка за квалитетот на исхраната. Информациите за навиките во исхраната на учесниците биле собрани преку обемни прашалници.
Студијата покажа дека нешто повеќе од една третина од испитаниците (38,9 отсто) консумираат исклучиво пиво, една петтина од нив (21,8 отсто) само вино, додека 21 отсто од испитаниците комбинираат алкохолни пијалоци.
Истражувачите откриле дека ниту една од групите не била блиску до постигнување на резултат што укажува на соодветна исхрана – индекс над 80.
Сепак, оние кои пијат вино имале нутриционистички индекс од 55, оние кои мешаат алкохолни пијалоци освоиле 53 поени, додека оние кои пијат пиво постигнале најнизок – индекс на здрава исхрана од 49.
Според истражувањата, излегува дека љубителите на пиво внесуваат најмногу калории и ретко се физички активни. Истражувањето исто така покажа дека пивото најчесто го консумираат мажите, помладите, пушачите и луѓето со ниски примања.
Водечкиот автор на студијата и истражувач за интерна медицина на Универзитетот Тулејн во САД, д-р Медлин Новак, рече дека негативните ефекти од прекумерниот алкохол, вклучително и заболување на црниот дроб, често може да се влошат со лошата исхрана.
„Разликите во квалитетот на исхраната може да се сведат на контекстот во кој се консумира типот на алкохол. Виното, особено црвеното, често се комбинира со побалансирани оброци кои содржат месо, зеленчук и млечни производи“, објасни д-р Новак и додаде:
„Спротивно на тоа, пивото често се избира со диета која е типично ниска со влакна и богата со јаглени хидрати и преработено месо. Пржената или солената храна исто така може да поттикне консумација на пиво“.
Истражувањето ќе биде претставено во недела на конференцијата на Американската асоцијација за проучување на заболувања на црниот дроб 2024 година во Сан Диего, пишува Дејли мејл.
Општо е познато дека алкохолот е отров, а познати се и сериозните последици што ги предизвикува – почнувајќи од фатални несреќи, болести на црниот дроб и многу видови на рак. Дури и малите количини алкохол можат да бидат опасни, поради што Светската здравствена организација (СЗО) објави дека „не постои безбедна количина на алкохол што не влијае на здравјето“.
Алкохолизмот е најраспространета зависност, се проценува дека во светот од 10-15 проценти од возрасната популација страда од алкохолизам. Консумирањето алкохол е поврзано со повеќе од 60 видови болести и повреди. Најчести се:
- заболувања на црниот дроб (цироза на црниот дроб, често и хепатитис Б и Ц)
- болести на панкреасот
- оштетување на срцето и крвните садови
- оштетување на стомакот
- Оштетување на нервниот систем и други невролошки оштетувања.
Според проценките на СЗО, три милиони луѓе во светот годишно умираат поради алкохол.