Голем е бројот на трудници коишто во текот на бременоста се соочуваат со т.н. гестациски дијабетес или уште познат и како „скриен шеќер“. Иако тој се дијагностицира во бременоста и најчесто по породувањето шеќерот се враќа на вообичаеното ниво, сепак не треба да се игнорира. Гестацискиот дијабетес може да влијае на бременоста и на здравјето на бебето.
Што се однесува до симптомите, гестацискиот дијабетес најчесто не предизвикува забележителни знаци или симптоми. Некои од трудниците може да почувствуваат зголемена жед, сува уста, замор или потреба од почесто мокрење. Но, некои од овие симптоми се вообичаени за време на бременоста и не значи дека укажуваат на присуство на гестациски дијабетес.
Здравата исхрана, богата со овошје и зеленчук може да помогне во превенцијата од гестацискиот дијабетес. Повеќето жени со гестациски дијабетес имаат нормална бременост. Сепак гестацискиот дијабетес може да предизвика и проблеми – бебето да расте повеќе од вообичаено, да се создава поголемо количество на амнионска течност или преекламсија односно висок крвен притисок. Сите овие состојби во одредени случаи може да доведат до комликации во бременоста или да предизвикаат предвремено породување. Затоа ако кај жената постои и најмал сомнеж, неопходно е да се консултира со својот матичен гинеколог.
Гестацискиот дијабетес може да се појави кај секоја жена, но поголем е ризикот кај жени повозрасни од 40 години, жени коишто во првата бременост имале скриен шеќер и жените кои имаат некој близок со дијабетес.
Нивото на шеќер во крвта може да се намали со промена на исхраната и секако, со поголема физичка активност. Овие совети сепак мора да дојдат од стручно лице и во никој случај жената не треба сама да одлучи што треба да прави врз основа на одредена дебата на женски форум или пак да се „лекува“ на интернет. Во одредени случаи можеби ќе биде потребно да се пијат и лекови за регулирање на нивото на шеќер во крвта. Повторно, се разбира, во консултација со лекар.