Провајдерот за интернет-инфраструктура Cloudflare денес имаше прекин во траење од околу три часа, поради што милиони веб-сајтови и апликации станаа недостапни – меѓу нив и социјалната мрежа X, ChatGPT и Dropbox.
Што е Cloudflare?
Cloudflare е глобална компанија за облачни (cloud) услуги и сајбер-безбедност. Таа обезбедува дата-центри, заштита на веб-страници и е-пошта, превенција од загуба на податоци и одбрана од сајбер напади. Од компанијата велат дека Cloudflare е „имунолошкиот систем на интернетот“ – технологија која стои помеѓу корисниците и остатокот од интернетот, блокирајќи милијарди напади секој ден.
Покрај безбедноста, Cloudflare ја користи својата глобална инфраструктура за забрзување на интернет-сообраќајот. Компанијата заработува повеќе од 500 милиони долари по квартал, а има речиси 300.000 клиенти во 125 држави, вклучувајќи и Кина, пишува „Гардијан“.
Зошто е тоа важно?
Cloudflare е една од клучните компании кои го сочинуваат „нервниот систем“ на интернетот. Кога нивните услуги ќе паднат – милиони сајтови автоматски стануваат недостапни. Денешниот прекин ги погоди меѓу другите и ChatGPT и X во сопственост на Илон Маск.
Проценките велат дека една од пет веб-страници во светот користи Cloudflare.
Кои сè беа погодени?
Корисници пријавија недостапност на повеќе популарни платформи во периодот кога Cloudflare беше во прекин. Меѓу нив:
- Bet365
- League of Legends
- Sage (рачуноводство и плати)
- YouTube
Според податоците на Downdetector, сите тие имале проблеми истовремено со дефектот на Cloudflare.
Што точно појде наопаку?
Cloudflare го опиша настанот како „внатрешна деградација на услугата“. Проблемот бил идентификуван и решен за нешто помалку од три часа; решение било применето во 14:42 по британско време.
Можно е дел од проблемот да бил поврзан со услугите во Лондон, бидејќи Cloudflare морал да исклучи сервис за енкрипција во британската престолнина за време на поправката. Исто така, компанијата објави дека имало невообичаено зголемување на сообраќајот кон една од нивните услуги околу 11:20, но причината сè уште не е позната.
Што ни кажува овој прекин за „здравјето“ на интернетот?
Бидејќи огромен дел од светската економија – од банкарство до е-трговија – зависи од интернетот, експертите за сајбер-отпорност предупредуваат дека инфраструктурата станала препреки зависна од неколку големи компании.
Проблемите со Cloudflare доаѓаат само неколку недели по прекините во други големи облачни сервиси: Amazon AWS и Microsoft Azure. Заедно со Google Cloud, тие обезбедуваат околу две третини од целата светска дигитална инфраструктура.
Експертите предупредуваат дека ова покажува потреба од поголема разновидност кај интернет-провајдерите и поголема отпорност на глобалната мрежа.
