Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на децата. Најновиот регионален извештај „Почетоци без здив“ покажува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува нивоата што СЗО ги смета за безбедни, чинејќи го водечки еколошки здравствен ризик за децата од целиот регион.
Во Северна Македонија, ризиците од загаден воздух се особено големи. Скопје често се наоѓа високо на листата на најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена во годината. Другите градови како Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани исто така имаат висока аерозагаденост, посебно во зимските месеци.
Во Северна Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година.

Загадување на воздухот: брзи факти
Воздухот е загаден кога штетни материи (загадувачи) – честички или гасови – се испуштаат во воздухот и го намалуваат неговиот квалитет.
На повеќето луѓе им е познато загадувањето на воздухот на отворен простор. Некои од најголемите извори на загадување се горењето биомаса (дрво), минералната прашина (од градежништвото и каменоломите), сообраќајот (емисии на мотори со внатрешно согорување, абење на гумите и сопирачките) и горењето масло.
Меѓутоа, загадувањето на воздухот во затворен простор понекогаш може да биде полошо отколку на отворено, ако не преземеме соодветни мерки на претпазливост. Освен загадувањето што доаѓа однадвор, воздухот во затворен простор може да се загади и од извори како што се хемикалии, испарувања, пушење и „пасивно пушење“, нечистотија и прашина, но и од биолошки загадувачи како што се мувла, штетници, бактерии и вируси. Овие загадувачи може да го влошат квалитетот на воздухот во затворен простор, во услови на лоша вентилација/филтрација и несоодветна температура и влажност.
Од каде доаѓа загадувањето на воздухот?
Најголем дел од загадувањето на воздухот доаѓа од извори како електрани и фабрики што согоруваат фосилни горива (јаглен, нафта, природен гас); од патниот сообраќај; потоа, од управување со отпад; градежништво; прекумерна употреба на ѓубрива и пестициди и согорување на земјоделски отпад; печки на јаглен и дрва; и шумски пожари. Најчестите гасови и честички што предизвикуваат штета кога нивната концентрација е висока се ПМ2,5, ПМ10, VOC (испарливи органски соединенија), CO2 (јаглерод диоксид), CO (јаглерод моноксид), HCHO (формалдехид CH2O) и сл.
Најголем дел од аерозагадувањето доаѓа од извори како електрани и фабрики што согоруваат фосилни горива (јаглен, нафта, природен гас); сообраќај; управување со отпад; градежништво; прекумерна употреба на ѓубрива, пестициди и согорување на земјоделски отпад; печки на јаглен и дрва; и шумски пожари.
Како загадувањето на воздухот влијае на нашето здравје?
Загадувањето на воздухот е директно поврзано со болести што убиваат. Може да предизвика сериозни здравствени и еколошки опасности за луѓето и за другите живи суштества.
Некои од честичките се толку мали што може да навлезат длабоко во нашите бели дробови, да преминат во крвотокот и да се пренесат низ целиот организам. Честичките познати како ПМ2,5 се со големина од една триесеттина од дебелината на човечко влакно и може да се пренесат на далечина од илјадници километри. ПМ2,5 може да прејдат во нашите бели дробови и да навлезат во крвотокот, што го зголемува ризикот од срцеви и респираторни заболувања, мозочни удари и рак на белите дробови, како и ризикот од здравствени проблеми на бремените жени и нивните бебиња.

Како да знам дали воздухот е загаден?
Нивото на загаденост на воздухот може да варира зависно од местото и времето во денот.
Министерството за животна средина и просторно планирање има 22 мерни станици низ целата земја. Тие мерат разни видови загадувачи, но за полесно снаоѓање, може да го користиме и индексот за квалитет на воздухот со кој квалитетот на воздухот се опишува едноставно и разбирливо, со помош на скала кодирана со бои. Се заснова врз просечни концентрации на загадувачи секој час и дава општа карактеризација за квалитетот на воздухот во тој момент. За сегашната состојба на квалитетот на воздухот, може да пристапите овде.
Индексот ги зема предвид концентрациите на сулфур диоксид (SO2), азот диоксид (NO2), вдишливи честички (PM10), фини честички (PM2,5), озон (O3) и јаглерод моноксид (CO). Измерените концентрации се споредуваат со актуелните упатства за квалитет на воздухот.
Загадувањето на воздухот надвор и внатре е директно поврзано со респираторни инфекции и други болести
Децата и аерозагадувањето
Бидејќи децата растат, нивните бели дробови и мозоци во развој ги чинат особено ранливи на загадувањето на воздухот.
Нивниот имунолошки систем е послаб од тој на возрасните, чинејќи ги поранливи на вируси, бактерии и други инфекции. Со ова се зголемува ризикот од респираторни инфекции и се намалува способноста да се борат со неа.
Малите деца дишат побрзо од возрасните и внесуваат повеќе воздух во однос на телесната тежина, често преку устата, која внесува повеќе загадувачи. Исто така, бидејќи се пониски, тие се поблиску до земјата, каде што некои загадувачи достигнуваат највисоки концентрации.
Како загадувањето на воздухот влијае на децата?
Загадувањето на воздухот предизвикува како непосредни така и долгорочни здравствени последици кај децата коишто може да бидат неповратни.
Загадувањето на воздухот е поврзано со респираторни состојби како пневмонија, бронхитис и астма. Може да влоши претходни здравствени состојби и да му наштети на физичкиот и когнитивниот развој на децата. Поради тоа, може да бидат засегнати други области од нивниот живот. На пример, кога децата се болни, може да отсуствуваат од училиште, со што дополнително се ограничува нивниот потенцијал за учење и развој.
А ефектите од загадениот воздух може да траат цел живот. Возрасните кои биле изложени на загаден воздух како деца се склони кон респираторни проблеми подоцна во животот.
За време на бременост: Организмот на жената може да складира штетни хемикалии од воздухот, пренесувајќи ги на бебето за време на бременоста и доењето. Загадувањето на воздухот може сериозно да го погоди здравјето на фетусот. Може да доведе до негативен исход од бременоста – како што е пометнување, предвремено породување и мала тежина при раѓање – а може да го засегне и здравиот развој на детскиот мозок.
На кои симптоми на изложеност на загаден воздух треба да внимавам?
Еве неколку симптоми што може да произлезат од изложеност на загаден воздух. Разговарајте со вашиот лекар ако член од семејството почувствува некој од овие симптоми.
- Суви/иритирани очи, главоболка, замор, алергии или отежнато дишење. Кај доенчињата внимавајте на знаци на напор при дишење.
- Луѓето со астма може да имаат потешки напади, отежнато дишење, болка во градите, кашлање или свирење на градите.
Возрасните изложени на загаден воздух како деца се склони кон респираторни проблеми подоцна во животот
Како да ги заштитиме децата од загадувањето на воздухот
Загадувањето на воздухот е глобален проблем и бара акција не само од семејствата и поединците, туку и од заедниците и владите. Сепак, постојат многу работи што можеме да ги направиме за да ја намалиме нашата изложеност на загадување на воздухот и да го намалиме неговото влијание врз децата.
Загадувањето на воздухот е вонредна состојба за јавното здравје и ако владите и претпријатијата не преземат конкретни чекори за негово намалување, децата и натаму најмногу ќе страдаат.
- Поттикнете ги и поддржете ги вашите деца да дознаат и да учествуваат во еколошки активности.
- Користете јавен превоз, возете велосипед или едноставно одете пеш за да го намалите својот јаглероден отпечаток, а со тоа и загадувањето на воздухот.
- Разговарајте со училиштето на вашето дете за чист воздух, зони без загадување и безбедни места за играње. Дознајте дали училиштето има правила за сообраќајот и за забрана за пушење во негова близина. Ако не, разговарајте со другите родители и со училиштето за тоа како да се воведат и да се применуваат такви правила.
- Побарајте локални зелени иницијативи што може да ги поддржите.
- Повикајте ги локалната самоуправа и здравствените власти да поддржат политики со кои се намалува загадувањето на воздухот и се штити здравјето на децата, како што се зајакнување на јавниот транспорт и ограничување на изворите на загадување на воздухот во близина на училиштата и игралиштата.
Текстот е превземен од УНИЦЕФ