Системите на вештачка интелигенција сè почесто ги преземаат канцелариските работи – од администрација и обработка на податоци до корисничка поддршка. Но, ако AI го замени човекот во рутинската интелектуална работа и платите престанат да бидат главен извор на приходи, се поставува клучното прашање: кој ќе има пари за трошење и на што ќе се темели економијата?
Големите јазични модели ја менуваат работата
Во студијата „How Do AI Agents Do Human Work?“, истражувачи од универзитетите Карнеги Мелон и Стенфорд предупредуваат дека AI агентите често произведуваат работа со понизок квалитет, при што знаат да измислуваат податоци или погрешно да користат алатки. Истовремено, тие извршуваат задачи 88,3% побрзо, а трошоците за нивниот „работен ангажман“ се 90–96% пониски.
Важно е да се направи разлика меѓу LLM модели (како ChatGPT) и AI агенти, кои се посложени системи способни автономно да извршуваат задачи. Токму таа автономија носи брзина но и пад на квалитетот.
Крајната цел на технолошките гиганти е општата вештачка интелигенција (AGI) – систем кој би можел самостојно да учи, планира и решава било која интелектуална задача подеднакво добро или подобро од човек.
Младите најпогодени
„Младите ќе бидат најпогодени кога ‘цунамито’ на вештачката интелигенција ќе ги погоди работните места“, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. Таа предупреди дека 60% од работните места во развиените економии ќе бидат погодени, при што многу почетни позиции ќе исчезнат.
Извршниот директор на компанијата Anthropic, Дарио Амодеи, минатата година предвиде дека AI би можела да уништи половина од сите канцелариски работни места.
Што се случува со економијата?
Според PwC, глобалниот БДП до 2030 година ќе биде 14% поголем благодарение на AI – што е еквивалентно на 15,7 билиони долари. Но Goldman Sachs проценува дека AI може да автоматизира работа еквивалентна на 300 милиони работни места ширум светот.
Ако богатството се создава, но се концентрира кај мал број луѓе и компании, на што ќе се темели потрошувачката и социјалната стабилност?
Реалното сценарио
Најверојатно, AI нема целосно да ги укине работните места, туку ќе ги трансформира. Многу професии ќе се променат, а ќе расте бројот на несигурни и привремени форми на вработување.
Оптимистите сметаат дека AI е неопходно решение за демографскиот колапс во развиените земји, каде што работната сила старее и се намалува.
Најмрачното сценарио: техно-феудализам
Во најцрното сценарио, економската моќ се концентрира во рацете на неколку мегакорпорации кои ги поседуваат AI моделите, податоците и енергијата. Овој концепт, наречен технолошки феудализам, го промовира економистот Јанис Варуфакис, кој тврди дека капитализмот е заменет со систем на дигитална рента.
Економистот од MIT, Дарон Аџемоглу, предупредува дека AI моментално се развива како „доволно добра“ технологија за замена на луѓето, но недоволно револуционерна за создавање нови работни места.
Универзален основен приход?
Како можен одговор се споменува универзалниот основен доход (UBI). Сам Алтман од OpenAI смета дека државите во иднина ќе мора да ја оданочуваат добивката од AI и да ја распределуваат меѓу граѓаните.
Критичарите, пак, предупредуваат на ризик од инфлација и огромен даночен товар.
Утописки визии
Некои автори веруваат дека AI, заедно со евтина обновлива енергија и роботизирано производство, може да ги намали трошоците за живот речиси на нула – што би довело до општество без сиромаштија.
Клучното прашање
Како што предупреди Стивен Хокинг:
„Ако машините произведуваат сè што ни треба, исходот ќе зависи од тоа како се распределува богатството.“
