Што ќе се случи со цената на златото до крајот на годината? Крајот на конфликтот може да ја прекине златната трка

Златото забележа значителен раст од почетокот на годината, со скок од 26% во американски долари и двоцифрени приноси во сите валути.

Зад ваквиот подем стојат неколку фактори – ослабен долар, стабилни каматни стапки и висока геополитичка и економска неизвесност, што доведе до зголемена побарувачка за златото.

Според последната анализа на Светскиот совет за злато, доколку условите останат непроменети, се очекува цената на златото да продолжи да расте, но со побавно темпо – до 5% дополнително во втората половина од 2024 година. Сепак, како што потсетуваат од Советот, економијата ретко се движи според консензусот.

Во случај на влошување на економската и геополитичката ситуација, аналитичарите предвидуваат ново зголемување на цената на златото – дури до 15% – како резултат на порастот на стагфлаторните притисоци и зголемената побарувачка за сигурни инвестиции. Ова сценарио би можело да се оствари доколку дојде до економско забавување, пад на довербата на потрошувачите и зголемени царини кои би ја поттикнале инфлацијата. Во таков амбиент, златото би можело да ја заврши годината со вкупен раст од речиси 40 проценти.

Од друга страна, одржливо решавање на геополитичките тензии, иако засега малку веројатно, би можело да предизвика пад на цената на златото. Според Светскиот совет за злато, доколку конфликтите се смират, инвеститорите би се насочиле кон поризични инструменти, што би довело до намалена побарувачка за злато и потенцијален пад на неговата цена за 12% до 17% во однос на добивките остварени годинава.

Во тој случај, златото и понатаму би завршило со позитивен, но значително помал принос – евентуално едноцифрен или низок двоцифрен.

И покрај сите сценарија, Светскиот совет потсетува дека централните банки остануваат клучен фактор на страната на побарувачката. Тие и оваа година продолжиле да купуваат злато со силно темпо – нешто помалку од рекордните нивоа, но сепак далеку над просекот од пред 2022 година. Се очекува оваа побарувачка да остане стабилна и до крајот на 2025 година.

Како што стојат работите, судбината на златото ќе зависи од тоа во кој правец ќе се движат светските економски и политички текови – стабилизација и намалување на ризикот, или понатамошна турбуленција што ќе ги натера инвеститорите повторно да посегнат по најсигурниот актив: златото.

Извор: Forbes.N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни