Шпанската зелена транзиција под прашање по масовниот прекин на електричната енергија

На периферијата на мирниот град Фигеруелас, во североисточниот шпански регион Арагон, огромни ветерни турбини и соларни паркови со години се симбол на амбициозната зелена политика на Шпанија.

Овој имиџ дополнително беше зацврстен со почетокот на изградбата на една од најголемите фабрики за батерии за електрични возила во Европа.

Станува збор за инвестиција вредна околу четири милијарди евра, зад која стојат кинеската компанија CATL и холандскиот автомобилски гигант Stellantis. Кинескиот амбасадор во Шпанија, Јао Џинг, проектот го опиша како една од најголемите кинески инвестиции што Европа досега ги видела.

Локалните власти сметаат дека локацијата е внимателно избрана. Градоначалникот Луис Бертол Морено посочува дека Арагон има идеални услови, постојан ветер, многу сончеви часови и развиена инфраструктура за обновливи извори, кои ќе бидат клучни за снабдување на новата фабрика со електрична енергија.

Овој проект често се наведува како потврда на шпанскиот енергетски модел, кој сè повеќе се потпира на обновливи извори. Ако во 2017 година тие учествуваа со околу една третина во вкупното производство на струја, во 2024 нивниот удел порасна на 57 проценти. Владината цел е до 2030 година тој процент да достигне 81.

Премиерот Педро Санчес неколкупати јавно ја истакна оваа стратегија, порачувајќи дека Шпанија ќе продолжи со „зелен“ курс, дури и во време кога дел од светот повторно се врти кон фосилните горива.

Сепак, последните случувања ја разнишаа довербата во ваквиот модел. Големиот прекин на електричната енергија на 28 април, кога милиони домаќинства, институции и јавниот превоз во Шпанија и Португалија останаа без струја неколку часа, ја отвори дебатата за стабилноста на енергетскиот систем.

Бидејќи властите сè уште не понудија целосно објаснување за причините за инцидентот, енергетскиот микс стана тема на остри политички расправи. Лидерот на конзервативната опозиција, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за, како што рече, „фанатично“ спроведување на зелената агенда, тврдејќи дека преголемата зависност од обновливи извори можела да придонесе за прекинот.

Критиките дополнително се засилија откако беше објавено дека само една недела пред инцидентот, соларната енергија во континентална Шпанија учествувала со рекордни 61,5 проценти во вкупното производство на електрична енергија, податок што, според опозицијата, ја наметнува потребата од преиспитување на националниот енергетски модел.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни