Шпанската Католичка црква, соочена со значителен пад на бројот на венчавки во црква, започна необична дигитална кампања – видео-игра која има за цел да ги промовира вредностите на бракот и заедничкиот живот пред Бога.
Играта ги следи младите Фран и Елена, кои низ различни животни ситуации – од проблеми на работа до конфликти со поранешни партнери – учат за љубовта, трпението, великодушноста, скромноста, интегритетот и емпатијата. Слоганот на кампањата гласи: „Љубовта е најголемата авантура“.
Преку решавање секојдневни предизвици, играчите освојуваат награди, но и размислуваат за суштинските вредности потребни за стабилен и успешен брак.
Драстичен пад на црковните венчавки
Според податоците, во 2024 година помалку од 18 проценти од венчавките во Шпанија биле одржани во црква. За споредба, во 2007 година повеќе од 55 проценти од паровите стапувале во брак пред Бога, објави „Гардијан“.
Кампањата беше претставена во пресрет на Денот на вљубените и е наменета пред сè за парови кои размислуваат за долгорочна врска и можност за црковна венчавка.
Идејата потекнува од студенти на Папскиот универзитет во Саламанка, а реализацијата е доверена на професионални дизајнери на видео-игри.
Од традиционални курсеви до дигитални алатки
Бискупската конференција соопшти дека играта има цел да го олесни размислувањето за љубовта и бракот во современото дигитално општество.
Шпанската црква и претходно преземала мерки за зајакнување на институцијата брак, вклучително и воведување подолг курс за подготовка за брак, кој трае две до три години. Овој курс опфаќа 12 области – комуникација, верност, сексуалност, решавање конфликти – и предупредува на штетноста од порнографијата, која, според црквата, „ја комерцијализира и ја фалсификува убавината на брачниот дар“.
Со новата иницијатива, црквата прави чекор кон младите генерации користејќи го јазикот и алатките на дигиталната ера.
Извор: The Guardian
