Шпанска вечер со камерниот ансамбл „Ла Спања“ во „Св. Софија“

Шпанска вечер со камерниот ансамбл „Ла Спања“ се вечерва на програмата на Охридско лето. Во 21 часот во црквата „Св. Софија“ ќе настапат: Алехандро Мариас – диригент, виола да гамба, Рамиро Моралес – архлаута и барокна гитара, Хуан Карлос де Мулдер – архлаута, Хорхе Лопез-Ескрибано – чембало и оргули и Пабло Гаридо – виола да гамба. На програмата се дела од Хуан дел Енцина, Винченцо Капирола, Гиљелмо Ебрео да Песаро, Франческо да Милано и други.

Ансамблот „Ла Спања“ е основан во 2009 година. Ансамблот ги обединува некои од најдобрите музичари кои свират на автентични инструменти. Ансамблот има флексибилна формација, што значи може да настапува како камерен состав или пак како барокен оркестар. На тој начин „Ла Спања“ може да настапува во изведба на ораториуми и опери заедно со гости солисти и диригенти, или пак да се трансформира во помали состави за потребите на програмата. Овој ансамбл е посветен на изведба на дела од периодите на ренесансата, па сѐ до раниот романтизам, а понекогаш дури и на дела од 21 век. Сепак нивниот главен фокус е во барокниот период, но изведувајќи дела и од други периоди тие покажуваат еден вид уметничка разновидност која ја обединуваат неколку премиси, а тоа се убедливи и искрени изведби на дела со особена почит кон историските, социјалните и стилски предуслови на репертоарот кој го изведуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни