Шпанската влада соопшти дека ќе предложи Европската унија трајно да го укине поместувањето на часовникот и преминот на зимско сметање на времето, кој треба да се случи претстојниот викенд, оценувајќи дека станува збор за „застарена пракса“, пренесуваат денес шпанските медиуми.
Како што се наведува, оваа промена веќе не придонесува за заштеда на енергија, а воедно има и негативни последици врз здравјето, пренесе ТВ Rtve.
Во видео објава на платформата X, шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека „поместувањето на часовникот двапати годишно веќе нема смисла“, поради што Шпанија ќе предложи укинување на оваа практика.
„Во сите анкети што ги спроведовме, мнозинството Шпанци и Европејци се против поместувањето на часовникот. Освен тоа, науката ни покажува дека со тоа веќе не се штеди енергија, а двапати годишно се нарушува биолошкиот ритам“, објасни Санчез.
Тој потсети дека пред шест години, ЕУ гласаше за укинување на сезонското поместување на времето во сите земји членки, по јавни консултации во кои учествуваа 4,6 милиони луѓе – од кои 84% се изјасниле за укинување на оваа пракса.
Европскиот парламент во 2019 година исто така ја поддржа таа одлука, со 63% од гласовите.
Сепак, конечната одлука сè уште не е донесена поради недостиг од консензус меѓу земјите членки, бидејќи за нејзино усвојување е потребно квалификувано мнозинство во Европскиот совет.
Потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера, изјави за шпанската телевизија дека Европејците ја поддржуваат идејата за единствено сметање на времето, и дека сега е вистинскиот момент тоа да се реализира.
Санчез најави дека Шпанија денес формално ќе поднесе предлог на состанокот на Советот на ЕУ за транспорт, телекомуникации и енергетика, на кој ќе присуствуваат министрите од 27 земји членки.
Извори наведуваат дека сега е поволен момент за гласање во Европскиот парламент за укинување на оваа пракса во 2026 година, бидејќи актуелниот петгодишен процес на планирање на Европската комисија истекува наредната година.