Бранот на екстремни горештини продолжува да ја пустоши Шпанија. Температурите ширум земјата и денеска надминаа 40 степени, додека на југот, особено во околината на Севиља, температурата достигна дури 46 степени.
Во Мадрид исто така беше измерено околу 40 степени, додека нешто поубави температури имаше само на атлантската обала на северозападот, каде температурата беше помеѓу 20 и 25 степени.
Поради топлотниот бран, се разгореа бројни шумски пожари кои зафатија илјадници хектари нови шуми. Најкритична е ситуацијата во северозападната Галисија, каде премиерот Педро Санчез денес се обрати до јавноста и предупреди за забрзаната климатска криза.
„Климатската криза која ја пустоши светот станува сè побрза, посериозна и почеста, особено на Иберискиот Полуостров. Ќе предложиме голем национален сојуз за ублажување и прилагодување на климатската криза“, изјави Санчез во Оренсе, една од најпогодените области, пренесува Блумберг.
Повеќе од цела Шпанија во недела беше под екстремен ризик од пожари, а во некои региони температурите достигнаа 44 степени. Огнената стихија беснее во Кастиља и Леон, каде се активни 27 пожари и каде се евакуирани повеќе од 3.000 луѓе, вклучувајќи 250 жители од градот Реболијар. Само во Оренсе пожарите уништија повеќе од 40.000 хектари земјиште, десетина жаришта сè уште се надвор од контрола, 11 патишта се затворени, а железничкиот сообраќај во областа е стопиран.
Санчез им се заблагодари на европските партнери за помошта во гаснењето на пожарите, истакнувајќи дека моментално се спроведува „најголема мобилизација во историјата на европскиот механизам за цивилна заштита“. Следниот месец шпанскиот премиер планира да го претстави планот за координација на сите нивоа на власт, без оглед на политичките разлики, за земјата да биде подобро подготвена за сè почестите климатски катастрофи.