Шпанското министерство за прашања на потрошувачите побара од платформата Ер-Би-Ен-Би (Airbnb) да отстрани повеќе од 65.000 огласи за туристички сместувања, наведувајќи дека тие ги прекршуваат шпанските прописи за огласување ваков вид сместување.
Министерството соопшти дека платформата најпрво треба да отстрани група од 5.800 незаконски огласи за сместување, пренесе агенцијата ЕФЕ.
Ер-Би-Ен-Би се жалеше на оваа одлука, која ја потврди и Врховниот суд на правдата во Мадрид.
Огласите на платформата се однесуваат на туристички сместувања во Андалузија, Мадрид, Каталонија, Валенсија, Балеарските Острови и Баскија.
Како што е наведено, во огласите не е наведен бројот на регистрација или лиценца, правниот статус на лицето што го издава сместувањето, или броевите на лиценците не се совпаѓаат со оние издадени од властите, со што се прекршуваат шпанските закони во оваа област.
Платформата Ер-Би-Ен-Би соопшти дека барањето на шпанското министерство е во спротивност со шпанските и европските регулативи, и најави дека ќе продолжи да вложува жалби на сите одлуки поврзани со овој случај.
Од шпанското министерство наведоа дека нивната одлука претставува победа во напорите за воведување ред во секторот за издавање сместувања на туристи, пренесува Танјуг.