Шпанските власти предложија еден од најрестриктивните закони за забрана на пушење, кој ги опфаќа и јавните места на отворено.
Нацрт-законот предложен од Министерството за здравство предвидува забрана на пушење на тераси на барови и ресторани, во универзитетски кампуси и образовни центри, во паркови, игралишта и спортски објекти, во училишни дворови, во јавни базени, работни возила, дискотеки на отворено, обложувалници и на 15 метри од јавни згради.
За прв пат, вејповите, капсулите и загреаниот тутун ќе бидат изедначени со цигарите.
„Реформата е дел од сеопфатна стратегија што вклучува финансирани третмани за откажување од пушење, регулирање на нови уреди и фискални мерки. Министерката за здравство Моника Гарсија ги поткрепува мерките со научни докази и јавен консензус. Иницијативата е усогласена со европските препораки и има широка јавна поддршка, дури и кај дел од пушачката популација“, соопшти Министерството за здравство.
Предлогот предизвика критики од угостителите, бидејќи терасите се едни од последните места каде што пушачите можеа да се собираат, откако пушењето во затворени простори е забрането уште од 2011 година.
Законот, кој сè уште треба да помине парламентарна процедура, се надоврзува на европските мерки против пушењето, а сличен е на неодамнешниот француски закон, но со построги ограничувања.