Новиот скопски рок состав Shot by Love го објави својот прв сингл, насловен „Nobody“, на 19 октомври 2025 година. Бендот го сочинуваат Александар Џигер Ванчовски, Симе Златков и Бодан Велковски – трио што внесува свежина, искреност и моќен звук на домашната сцена.
„Nobody“ е, како што велат членовите на бендот, „суров одраз на љубовта, загубата и шумот меѓу нив“ – песна што ја спојува емоционалната директност на алтернативниот рок со интензитетот на гитарските рифови и вокалната експресија.
Синглот е снимен и продуциран од Мите Димовски во Студио Тра Ла Ла, а на него гостуваат Владимир Чадиковски – Црни на гитара и Мартин Јосифовски на бас. Резултатот е композиција што звучи интимно и експлозивно во исто време.
Покрај аудио изданието, Shot by Love објавија и lyric video на YouTube, изработено од Иван Куртевски, кое визуелно го надополнува енергичниот и емотивен карактер на песната.
Бендот најавува и нов материјал, настапи низ земјата и снимки од изведби во живо, а во скоро време и својот прв албум. Со „Nobody“, Shot by Love покажуваат дека младата македонска рок сцена повторно пулсира – искрено, гласно и со став.
Песната може да ја слушнете овде.