Шлаканица за добредојде, нож за збогум

Вчера прочитав на социјалните мрежи – „Убиена уште една жена во местото каде што треба да се чувствува најсигурно – дома“. И се некој такви умни реченици на мислители кои убаво си зборуваат, споделуваат, затоа што можеби медиумите беа преплавени со веста или пак чувствуваат обврска да кажат нешто за да се чувствуваат помалку соучесници во убиство кое се случи дома. Убиена пред очите на своето дете. Со ладно оружје. Во домот кој требало да и биде засолниште, а станал место на последниот здив.Одземен животот на една жена, мајка. Со нож. Брутално. Во пределот на вратот и градниот кош. Со убодни рани нанесени од нејзиниот маж. Без милост. Со умисла. Крвта на мајката се разлеала пред нозете на нивната петгодишна ќерка.

Разговори за ова често се водат меѓу жените, затоа што е страшно. Одбираш човек, мислиш дека ти е љубов, имате дете и после те убива пред истото тоа дете. А претходно и по некоја шлаканица за која пријавуваш или кажуваш дека постои, ама никој не ти помага.

Што треба да се случи за да некој избоде жена до смрт пред очите на нивното дете? Колку низа на игнорирани предупредувања, на непријавени или нерасчистени инциденти? Колку службеници ги примиле тие пријави? Колку соседи слушнале викотници?

Дел од мислителите веруваат дека заслужуваш, дека жената е за тоа, на дел им е жал, ама зошто да се мешаат во нешто што не е нивно, дел се советници и ти викаат оди си, а тие сами не можат да одат од мала штетна навика, а не пак од насилник. И на крај остануваш сама, затоа што нема со кого. Не ти требаат совети и не ти треба умување. Ти треба заштита и зајакнување. Каде да одиш? Каде треба да заминеш кога и сенката ти е страшна, мајката ти е маќеа, а државата – противник. Службеникот? Брачен советник за молк. Воедно се соочуваш и со неможност да одиш на работа, затоа што после толку ќотек не знам како би одела.

Често пати дебатата оди вака:

„Па што мислела кога заминала за прв пат со него, нема да се смени подоцна, истиот ќе биде“

„Како немала каде да замине, сите имаме каде да одиме“

И оваа ми е најдобра „Па што си дозволува“. Оваа за дозволата најмногу ја дискутираме. Зошто размислуваме на тоа зошто жената си дозволува насилство и не си заминува, наместо да размислиме зошто маж си дозволува да биде насилник и да ги премине границите, па дури и да убива по дома… Која граница треба да се испитува? Оваа каде што седиш во твојот дом и си „дозволуваш“ да те убие некој или другата каде што некој си дозволува да те убие.

Овој тренд на не можеш да избегаш од насилникот не ми се допаѓа! А уште помалку ми се допаѓа тоа што никој не реагира, тоа што шамарот се смета за нормално нешто и малку крв од носот како украс на лицето. Се плашам од насилството што се поистоветува со љубов и со така треба да биде. Затоа што жртвата никој не треба да ја обвинува, ги обвинувам тие околу неа. Охрабрувачи на се што не е храбро.

Пример не е храбро да издржиш уште еднаш или уште малку. Пример не е храбро да кажеш дека беше силна и после ќотек како ништо да не било ги подготвуваш децата за на училиште и заминуваш на работа. И не е храбро да го прифатиш убавиот збор со грозно извини или нема веќе така. Затоа што храбро прифаќање и замолчување води до храбра случка во Шуто Оризари. Знаете кој треба да биде храбар сега? Детето… Затоа што ќе живее со сликите кои ќе вртат во неговиот живот како филм вклучен на повторување.

И ако сето ова го знаеме, вистинското прашање е како живеат службениците кои не реагираа на пријавите за насилство, исто како вчера? Ви поминуваат ли слики низ глава или секој ден е како еден обичен?

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни