Шестото издание на „Женско рели 2025“ – Брзина, прецизност и рушење на стереотипите

Автомобилите брмчеа, срцата чукаа, а стотина натпреварувачки ја покажаа својата вештина зад воланот – ова е сликата од шестото издание на „Женско рели 2025“, кое го урна сопствениот рекорд по број на учеснички и го потврди својот статус како настан што го менува начинот на кој општеството гледа на жените во автомобилизмот.

Со повеќе од 120 пријавени натпреварувачки, адреналинот и возбудата беа повисоки од кога било.

„Оваа година имаме рекордно учество, бројот на натпреварувачки е двојно зголемен во однос на минатата година. Жените сѐ повеќе се охрабруваат да се пријават и тоа навистина радува. Верувам дека следната година ќе треба да бараме и нова локација, бидејќи паркингот зад Борис Трајковски веќе ни е претесен“, вели потпретседателката на Автомобилската федерација на Македонија (АФМ), Кристина Станојковска.


Кристина Станојковска

Легендите и новите имиња на подиумот

Меѓу искусните натпреварувачки, својата мајсторија ја покажа Ленче Попчева, која е дел од автомобилските натпревари уште од 90-тите години. Таа се потсети на еден од најлудите моменти во нејзината кариера:

Ленче Попчева

„Најлудото нешто што сум го направила е да возам на две тркала – да ги кренеш двете десни тркала и да возиш извесна метража. Тоа не е баш добра идеја, ама адреналинот е нешто што тешко се опишува“, раскажува Попчева.

Таа додава дека на почетокот многумина ѝ кажувале дека автомобилските трки не се за жени, но со својата посветеност докажала дека тие можат да бидат еднакво добри возачи како и мажите.

„Жените можат да бидат солидни и квалитетни возачи. Докажавме дека сме рамноправни и дека можеме исто како мажите“, додава таа.

Сања Блажевска Васиќ

Сања Блажевска Васиќ – математички прецизен стил на возење

Сања Блажевска Васиќ, која во последните три години постојано е во самиот врв на натпреварувањето, оваа година го освои третото место во класата до 1400 кубни сантиметри.

„Оваа ми е петта година како што се натпреварувам на женското рели и сум горда на моите награди. Адреналинот и другарствата кои ги создаваме таму ме мотивираат да се пријавувам повторно секоја година. Ова не е спорт само за мажи – добрите возачи не познаваат пол, туку само вештина и љубов кон воланот“, вели Сања.

Кога станува збор за нејзиниот стил на возење, таа се опишува како „прецизен математичар“:

„Секогаш добро анализирам пред да започне трката и гледам да ги поправам грешките што ги прават претходните учеснички“, објаснува таа.

Изненадување на годината – Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ на патеката

Годинашното рели донесе и едно неочекувано изненадување – учество на познатата пејачка Тамара Тодевска, која заедно со својата сестра Тијана Дапчевиќ како совозач, ја покажа својата вештина во категоријата на возила до 1600 кубни сантиметри, освојувајќи го четвртото место.

„Ова беше неверојатно искуство! Возбудата, адреналинот и тимскиот дух ме освоија. Голема благодарност до Тијана што ми беше совозач – заедно се боревме до самиот крај“, изјави Тамара по натпреварот.

Жените зад воланот – иднината на автомобилизмот во Македонија

Со секоја наредна година, „Женско рели“ расте не само во бројот на учеснички, туку и во влијанието што го има врз рушењето на стереотипите.

„Сѐ почесто гледаме жени кои влегуваат во светот на автомобилизмот со сериозни амбиции. Ова рели покажува дека возењето не е прашање на пол, туку на вештина и посветеност. А ние сме тука да ги поддржиме и охрабриме“, заклучува Кристина Станојковска.

Шестото издание на „Женско рели 2025“ покажа дека овој спорт е во подем и дека жените се подготвени да освојуваат нови патеки – со прецизност, брзина и многу стил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни