Шест земји – Франција, Белгија, Монако, Луксембург, Малта и Андора – ѝ се приклучија на растечкиот број држави што ја признаваат независноста на Државата Палестина, при тоа повикувајќи на мирно решавање на конфликтот на Блискиот Исток.
На конференцијата на Обединетите нации во Њујорк, која беше организирана од Франција и Саудиска Арабија, светските лидери предупредија на хуманитарна катастрофа во Газа, побараа ослободување на заложниците и разоружување на Хамас, истакнувајќи дека признавањето на Палестина претставува и правна и политичка обврска.
Францускиот претседател Емануел Макрон на отворањето на конференцијата објави дека Франција официјално ја признава палестинската држава, што беше пречекано со аплауз во салата.
„Некои ќе речат дека е предоцна, други дека е прерано, но едно е јасно: повеќе не можеме да чекаме“, изјави Макрон, повикувајќи на итен прекин на огнот и ослободување на 48 заложници.
Белгискиот премиер Барт де Вевер додаде дека неговата земја испраќа „силен политички и дипломатски сигнал“ со оваа одлука, но потенцираше дека целосното воспоставување дипломатски односи со Палестина ќе се случи дури по ослободувањето на сите заложници и отстранување на Хамас од власта.
Премиерите на Луксембург, Малта и Андора исто така формално го објавија признавањето на Палестина, подвлекувајќи ја поддршката за решението со две држави.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека „палестинскиот народ е жртва на геноцид“, додавајќи дека меѓународната заедница мора итно да интервенира за да го спречи натамошниот масакр.
САД и Израел го бојкотираа собирот
Соединетите Американски Држави и Израел не присуствуваа на конференцијата. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој останува најголем поддржувач на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ќе се сретне со него во Вашингтон по завршувањето на собирот.
Според медиумите, Трамп планира да им предложи на арапските и муслиманските земји план за управување со Газа по војната, кој вклучува повлекување на Израел и испраќање меѓународни сили.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, истакна:
„Да бидеме јасни – државноста за Палестинците е право, а не награда“.