Шест претстави за наградата БИШ на МОТ, вечерва „Вилицата на Ибен Бајерс“ и „Немиот келнер

Втора година по ред, Млад отворен театар ќе ја доделува наградата БИШ, иницијатива која дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната независна сцена. На отворениот повик се пријавија 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а годинава ќе бидат изведени шест.

На малата сцена на Националната опера и балет од 20 часот, вечерва ќе биде изведена „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ, во режија на Борис Василевски.

Играат:  Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли.

Марјан Наумов и Гоце Андонов

„Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми.
Во 22.30 часот во киното „Фросина“ ќе следува „Немиот келнер“ од Харолд Пинтер, во режија на Александар Ивановски.

Мартин Ѓоргоски и Васко Костовски

Станува збор за политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени. Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува.

Играат Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни