Шест лица загинаа во ударите на супер-тајфунот Рагаса на Филипините, 14 на Тајван

Силни дождови и ветрови предизвикани од супер-тајфунот Рагаса, кои ги срушија дрвјата и донесоа поплави, предизвикаа и смртоносни одрони на Филипините, во кои загинаа шест лица. На Тајван, загинаа најмалку 14 лица, а 30 се водат како исчезнати.

Филипинската крајбрежна стража соопшти дека четири тела биле извлечени од рибарски брод што се превртел близу брегот на провинцијата Кагајан, од каде што беа спасени шест преживеани, додека потрагата за три лица кои се водат како исчезнати се продолжува.

Филипинската полиција претходно соопшти дека вчера е пронајдено тело на 67-годишен маж, кој бил пријавен како исчезнат, откако во понеделникот упаднал во река за време на бурата, во близина на брегот на градот Агу во провинцијата Ла Унион.

Во провинцијата Бенгет, која нема излез на море, 74-годишен маж загинал кога одрон го однел неговото возило по автопатот во градот Туба, при што неколку патници од други автомобили биле повредени.

Супер-тајфунот Рагаса, наречен „крал на бурата“ од страна на метеоролозите, стигнал до копното на Филипините со силни ветрови и дождови кои предизвикале поплави во многу делови на северен Лузон, каде многу патишта станале непроодни поради поплавите и урнатините.

Националниот совет за намалување на ризикот од катастрофи и управување со нив соопшти дека Рагаса и југозападниот мусон погодиле околу 192.000 лица во 950 села низ земјата.

Тајфунот Рагаса вчера ја напушти зоната околу Филипините, но властите внимателно ги следат новите временски услови – тропската бура Буалој, која се очекува да достигне категорија на силна тропска бура до вечерта.

На Тајван се водат 30 лица како исчезнати

На Тајван, најмалку 14 лица загинаа, а 30 се водат како исчезнати поради одроните предизвикани од супер-тајфунот на истокот на островот, соопштија денеска локалните власти. Тајфунот го проби насипот, а водата од езерото формирано на горниот тек на реката Матајан го однесе мостот и поплави блискиот град.

Повеќе стотици луѓе останаа заробени поради поплавите.

Најголемиот тајфун оваа година, Рагаса, прво ги погоди Филипините, носејќи со себе разорни ветрови и обилни дождови.

Во пресрет на ударот на супер-тајфунот, илјадници лица беа евакуирани на Тајван и во јужните делови на Кина.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни