Шест лица убиени во Бугарија, сомнежи дека се работи за култ

Денеска, бугарските медиуми јавија дека Калушев и двете момчиња, 15-годишно и 22-годишно, биле пронајдени убиени во кампер во шума

Властите во Бугарија спроведоа истрага за убиство на шест луѓе поврзани со еколошка невладина организација, а полицијата соопшти дека истражува неколку верзии за настаните.

Можно е убиствата да се поврзани со култ, пишуваат бугарските медиуми.

Минатата недела полицијата пријави убиство на тројца луѓе на возраст од 45 до 51 година, во викендичка во сопственост на невладина организација, која се наоѓа во близина на превојот Петрохан, на северозападот од земјата. Убиените – угледен адвокат со меѓународно искуство, сопственик на книговодствена фирма и инструктор по нуркање, биле пронајдени со прострелни рани.

Тогаш беше издадена потерница по тројца осомничени, вклучувајќи го директорот на организацијата и сопственик на викендичката, Ивајло Калушев, кој, според полицијата, избегал од местото на злосторството заедно со две млади момчиња. Се работи за познат екстремен нуркач, морепловец и филмски продуцент, кој со години бил истакнат екоактивист.

Денеска, бугарските медиуми јавија дека Калушев и двете момчиња, 15-годишно и 22-годишно, биле пронајдени убиени во кампер во шума, а телата случајно ги пронашол овчар.

На местото попладнево се во тек истражни дејствија, а полицијата го опколила подрачјето.

Криминалниот психолог Неделчо Стојчев во изјава за „24 часа“, според неговото претходно однесување со членовите на организацијата, како и по првото тројно убиство, го нарече Калушев „нарцисоиден психопат“.

Претходно, вршителот на должноста главен обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, ги претстави деталите од истрагата за инцидентот во „колибата на ужасите“, споредувајќи го со американската ТВ серија „Твин Пикс“.

„Работам како истражител и обвинител 31 година и видов многу, но она што го гледам сега дефинитивно ме шокира. Покрај тоа, бев шокиран не само од убиството, туку и од активностите на невладина организација која, очигледно, се обидела да ја преземе работата на државните органи, но дејствувала во свои интереси“, рече претходно Сарафов.

Тој нагласи дека не можел да претпостави дека нешто вакво постои.

На 4 февруари, полицијата потврди дека три тела со прострелни рани се пронајдени во близина на колибата во близина на Петрохан. Според податоците од обдукцијата, се претпоставува дека поминале помеѓу 12 и 18 часа помеѓу убиството и откривањето на телата на трите жртви.
Во колибата, која потоа била запалена и целосно изгорела, најдени се и голем број пушки и пиштоли, соопшти полицијата.

Колибата инаку била силно обезбедена, со огради, бариери, безбедносни камери и опрема за надзор, вклучувајќи дронови. Луѓето што живееле таму тврделе дека „ја штитат шумата и животната средина“, честопати ги запирале туристите и локалното население, барајќи им да се идентификуваат и ограничувајќи го пристапот до областа.

Истражителите, како што неофицијално објавија дел од медиумите, се сомневаат дека еколошката невладина организација што ја поседувала колибата е поврзана со култ во кој се вклучени тинејџери и деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни