Шест интересни факти за Први мај кои сигурно не сте ги знаеле

Денес ширум светот се одбележува Меѓународниот празник на трудот – 1 Мај, како потсетување на големите работнички протести одржани во Чикаго на 1 мај 1886 година. Ако мислите дека за овој празник знаете сè, ви откриваме неколку помалку познати, но многу интересни факти:

Масакрот на плоштадот „Хејмаркет“ во Чикаго
На 4 мај 1886 година, на плоштадот Хејмаркет во Чикаго започнаа мирни демонстрации во поддршка на борбата за осумчасовно работно време, барање што синдикатите го поставија токму на 1 мај. Но, непознат напаѓач фрли бомба кон полицијата, која возврати со оган. Загинаа седум полицајци и четворица цивили, а многумина беа повредени. Осуммина анархисти беа осудени за заговор, иако судот не докажа дека некој од нив ја фрлил бомбата. Сведочењата и медиумските извештаи од тоа време не споменуваат дека демонстрантите пукале – огнот доаѓал само од полицијата.

Првата капиталистичка држава што го славела 1 Мај била – Нацистичка Германија
Во април 1933 година, само два месеца по доаѓањето на власт, нацистите го прогласија 1 мај за „Ден на националниот труд“ и државен празник. Властите ја презедоа целата организација на прославите, додека било каква активност на синдикати или други организации беше забранета. Централната манифестација се одржа на аеродромот „Темпелхоф“, а традицијата продолжи до крајот на Третиот рајх.

Сите фашистички режими го забранувале 1 Мај
Нацистите беа исклучок во однос на тоа што формално го одбележуваа 1 Мај. Во Италија, Мусолини го забрани празникот и наместо тоа го воведе 21 април – роденденот на Рим, како „Ден на трудот“. Во Португалија, диктаторот Салазар репресивно ги гаснеше сите обиди за прослава на празникот, додека во Шпанија под Франко, секој што се обидел да го одбележи денот бил гонет.

Французите за 1 Мај подаруваат момина солза
Освен традиционалните протести, во Франција постои убав обичај – на 1 Мај на најблиските им се подарува цветот момина солза. Традицијата датира уште од времето на кралот Шарл IX, кој во 1561 година, на само десет години, на дамите во дворот им подарил по еден цвет. Денес, француската држава дозволува продажба на момина солза без данок на тој ден – но само ако е набрана во природа и не е за препродажба.

Дали сте чуле за „EuroMayDay“?
Станува збор за алтернативна прослава на 1 Мај, организирана од феминистички, анархистички и антикорпоративни групи, пред сè во Западна Европа. EuroMayDay започна во Милано, се прошири во Барселона, а денес опфаќа над 300.000 учесници низ цела Европа. Нивната порака е: „луѓе што живеете во несигурност – обединете се и протестирајте за слободна, отворена и радикална Европа“.

Американците имаат свој Ден на трудот
Иако 1 Мај е глобален симбол за работничките права, САД го слават Денот на трудот секој прв понеделник од септември. Првпат е одбележан во 1882 година во Орегон, а во 1894 станал национален празник. Иако постоеле иницијативи да се премести на 1 Мај, тие не успеале. За Американците, Денот на трудот е празник за шопинг – втор најпрофитабилен ден по „црниот петок“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни