Шест фасцинантни факти за Лувр: Од средновековна тврдина до најпосетениот музеј на светот

Лувр во Париз крие осум векови историја – од кралска тврдина и палата, преку Наполеоновите уметнички пленови, до мистеријата на Мона Лиза и Милоската Венера.

Лувр во Париз не е само најпосетениот музеј во светот, туку и живо сведоштво на осум векови француска историја. Од своето скромно потекло како средновековна тврдина, преку ерата на кралеви, револуции и војни, па сè до денешната модерна архитектонска и културна икона, Лувр останува неизбришлив дел од светското културно наследство.

Ова се шест фасцинантни факти што откриваат како овој монументален музеј ја добил својата слава, мистерија и значење.

Од средновековна тврдина до кралска палата

Историјата на Лувр започнува уште во 1190 година, кога кралот Филип II Август наредил изградба на масивна тврдина за одбрана на Париз од напади преку реката Сена. Подоцна, кралот Шарл Петти ја претворил тврдината во раскошен замок, првата вистинска кралска резиденција.

Во XVI век, Анри II ја издигнал модерната палата со ренесансна архитектура, а подоцна Анри IV и Луј XIV ги прошириле нејзините крила, создавајќи основа за денешниот музеј.

Лувр станува музеј за народот

Со Француската револуција во 1789 година, Лувр конечно се отворил за јавноста. На 10 август 1793, Велика галерија станала прв јавен музеј во Франција, со повеќе од 500 уметнички дела собрани од кралските колекции и црковните институции.

Овој чин го означил почетокот на новата ера во историјата на културата – уметноста стана достапна за секого, а не само за благородништвото.

Наполеон и „воената уметност“ на плен

Еден од најконтроверзните периоди во историјата на Лувр е ерата на Наполеон Бонапарта. Во своите европски походи, Наполеон прибирал уметнички дела како воен плен – слики, скулптури, накит и древни артефакти.

Под негово владеење, музејот бил наречен „Музеј Наполеон“, а колекцијата драстично се проширила. Но, по неговиот пораз во битката кај Ватерло (1815), делата биле вратени во своите земји.

Интересно, меѓу делата украдени во пљачката од 19 октомври 2025, биле и смарагдна огрлица и обетки што Наполеон ѝ ги подарил на својата сопруга Марија Луиза.

Стаклената пирамида – модерна контроверза

Во 1980-тите, францускиот претседател Франсуа Митеран ја наредил големата реконструкција на Лувр. Проектот му бил доверен на архитектот Јеох Минг Пеј, кој го креирал денес светски познатиот влез со стаклена пирамида.

Иако дел од јавноста ја сметала за „архитектонски злостор“, пирамидата, висока 21 метар, денес е синоним за Лувр. Таа претставува симбол на спојот меѓу традицијата и модерната архитектура.

Кражбата на Мона Лиза – кражба што ја направи бесмртна

Во 1911 година, италијанскиот занаетчија Винченцо Перуџа ја украл сликата „Мона Лиза“ од Лувр. Верувал дека делото на Леонардо да Винчи треба да ѝ припаѓа на Италија.

Две години подоцна, сликата била пронајдена во Фиренца, а медиумската сензација што следела ја претворила Мона Лиза во најпознатата слика во светот. Иронијата е дека токму кражбата ја направи бесмртна.

Милоската Венера и нејзините мистериозни раце

Откриена во 1820 година на островот Милос во Грција, Милоската Венера (или Афродита) е еден од трите најпознати експонати на Лувр, заедно со Мона Лиза и Крилатата победа од Самотраки.

Нејзините изгубени раце со векови ја поттикнуваат мистеријата околу делото. Според експертите, при транспортот некои делови биле оштетени, но музејот решил да не ги реконструира – токму таа „несовршеност“ ѝ ја подарила вечната убавина

Лувр денес е повеќе од музеј – тоа е спој на историја, моќ и уметност. Со над 500.000 експонати и околу 10 милиони посетители годишно, тој останува симбол на француската култура и сведоштво за патот на човештвото – од средновековните тврдини до современата уметност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни