Шенген се отвора за македонските превозници: една виза, неограничено возење низ ЕУ

Проблемот со ограничувањето на престојот во Шенген беше причина за протестите што започнаа на 26 јануари, кога превозниците од четири балкански земји ги блокираа граничните премини, предупредувајќи дека правилото од 90 дена престој во период од 180 дена им го прави бизнисот неодржлив.

Македонските транспортери ќе можат да се движат низ целата Шенген-зона без временски ограничувања, доколку поседуваат валидна виза издадена од една земја-членка на Европската унија. Ова решение е постигнато во Брисел по неколкудневните протести и блокади на граничните премини од страна на превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, соопшти дека Европската унија ги прифатила клучните барања на регионот и дека професионалните возачи конечно се препознаени како посебна категорија со специфични работни услови.

„Нашите ставови се прифатени. Возачите се третираат како професионалци, а не како туристи. Тоа беше суштината на проблемот и сега тој е решен“, изјави Николоски, нагласувајќи дека Брисел подготвува нова визна стратегија што директно ќе ги опфати професионалните возачи.

Според документот што го објави министерот, Европската комисија ќе соработува со земјите-членки за да се обезбедат продолжени краткорочни престои за одредени категории државјани од трети земји, меѓу кои и транспортерите. Во игра е и можноста за ново законодавство на ниво на ЕУ, со јасни и посебни правила за оваа група.

„Комисијата ќе го преиспита и влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел да се отстранат практичните пречки со кои се соочуваат возачите“, се наведува во документот.

Проблемот со ограничувањето на престојот во Шенген беше причина за протестите што започнаа на 26 јануари, кога превозниците од четири балкански земји ги блокираа граничните премини, предупредувајќи дека правилото од 90 дена престој во период од 180 дена им го прави бизнисот неодржлив.

Со најавените измени, институциите во Брисел испраќаат сигнал дека економските реалности и логистичките синџири добиваат приоритет, а превозниците очекуваат брза имплементација на договореното, со што би се ставила точка на долгогодишниот проблем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни