Франција ѝ се закани на Shein со забрана поради продажба на 18+ кукли со изглед на деца

Француската влада најави можност за целосна забрана на кинескиот гигант Shein на националниот пазар, откако компанијата повлече од продажба контроверзни кукли што властите ги опишаа како педофилско-порнографски производи.

Француските власти му се заканија на кинескиот онлајн трговски гигант Shein со целосна забрана за продажба на францускиот пазар, поради тоа што на неговата интернет-платформа биле пронајдени кукли со педофилско-порнографски карактер и со изглед на деца.

Министерот за економија Ролан Лескјур изјави за BFMTV дека владата „ќе побара забрана на сите производи на Shein доколку ваквата пракса се повтори“.

„Ако повторно се појават вакви производи или ако не бидат отстранети во рок од 24 часа, владата ќе побара забрана за пристап на Shein до францускиот пазар. Овие ужасни предмети се нелегални и против нив ќе биде покрената судска истрага,“ изјави Лескјур, нагласувајќи дека државата има овластување да реагира во случаи на тероризам, трговија со дрога и детска порнографија.

Француската Генерална дирекција за заштита на потрошувачите и контрола на измами (DGCCRF) објави дека во саботата пријавила случај на продажба на вакви кукли преку интернет-страницата на Shein, откако ги открила во понудата.

Парадоксално, оваа контроверзија доаѓа само неколку дена пред отворaњето на првата физичка продавница на Shein во срцето на Париз, закажано за среда. Според Лескјур, отворањето на продавницата во познатата робна куќа BHV на улицата Риволи, „во ваков контекст е многу провокативно“.

Тој призна дека, и покрај можните санкции, француските закони не можат целосно да спречат пристап до онлајн продавницата преку VPN, што ја отежнува контролата на вакви содржини.

Ова не е првпат Shein да се соочи со казни во Франција. Компанијата, позната по својата ултрабрза мода и евтини производи, оваа година веќе три пати била казнета со вкупно 191 милион евра, поради лажно рекламирање, обманувачки информации и недекларирање на микропластика во текстилните производи.

Компанијата од 2015 година е присутна на францускиот пазар и постојано е обвинувана за нелојална конкуренција, загадување и лоши услови за работа во производството, што ја прави едно од најконтроверзните имиња во светот на модата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни