Шефот на украинското разузнавање откива: Русија планира агресија врз ЕУ до 2027

Кирило Буданов предупредува дека Русија ги забрзала плановите за агресија врз ЕУ до 2027 година, а балтичките земји се главната потенцијална цел.

Русија ги поместила своите планови за директна агресија од 2030 на 2027 година, а Европа сè погласно зборува за ризик од директен воен судир, при што балтичките земји би можеле да се најдат под окупација. Ова го изјави генерал-полковник Кирило Буданов, шеф на Главната разузнавачка управа при Министерството за одбрана на Украина.

„Русија смета дека Западот е слаб и неодлучен“

Буданов изјави дека Москва има многу ограничени опции за проширување на своето влијание.

„На север има само Арктичкиот Океан, а понатаму е Америка – тоа не е опција, бидејќи би било болно. На исток е Тихиот Океан и повторно Америка – одговорот е ист. На југ е Кина, што би било целосна катастрофа – копнена граница и исти услови какви што ние ги имаме во војната со Руската Федерација, но за нив. Останува само Западот, кој во нивното сфаќање, простете на изразите, е ‘алчен’, ‘болен’, ‘слаб’ и ‘неодлучен’“, рече Буданов.

Шефот на украинската разузнавачка служба додаде дека според првичните планови, Русија требало да биде подготвена за дејствување во 2030 година, но тие планови се ревидирани и роковите се скратени на 2027 година.

Според Буданов, Русија се доживува себеси како империја која „секогаш мора некаде да се движи за да го прошири своето влијание и територија“.

„Полска се разгледува само како цел за удари“

Во однос на Полска, Буданов појасни дека таа моментално не е предвидена за окупација, туку исклучиво за воени удари.

„Полска, според плановите што ни се познати, се разгледува само како цел за удари – воена кампања без заземање територија“, изјави тој.

Овие предупредувања доаѓаат во период на засилени дипломатски активности. Пред неколку дена во Хелсинки се одржа првиот самит на земјите од источниот крил на ЕУ, посветен на безбедноста и заштитата на надворешните граници на Европската Унија и НАТО. На самитот учествуваа претставници на Полска, Финска, Шведска, Литванија, Латвија, Естонија, Романија и Бугарија.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така изрази сериозна загриженост. За време на говор во Берлин тој изјави дека Алијансата е „следната цел на Русија и дека веќе се наоѓа во зона на ризик“, нагласувајќи дека заканата од Москва е директна и растечка и дека е неопходно итно дејствување за да се спречи нова војна во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни